Како 1997 засекогаш ја промени модата

Во Пале Галиера во Париз има изложба (до 16 јули, кој сака) што се фокусира на модните достигнувања на 1997 и се вика 1997 FASHION BIG BANG. Името доаѓа од статија на Џоан Џулиет Бак која сезоната пролет/лето 97 ја прогласи за толку епска, што се споредува со радикално ширење на универзумот.

Почнува хронолошки од 3 октомври, 1996, со тангата на Том Форд за Гучи, а завршува со 18 октомври 1998 со првата колекција на Никола Жеские за Баленсијага (пред Баленсијага да се извампири вака). Жеские тогаш почнуваше како фриленс дизајнер, па му понудија пробен договор и остана таму 16 плодни години, откако Мадона го носеше за време на периодот Ray of Light.

Кураторот Александр Самсон вели:

„Сè се пресвртни точки. Критериумот беше: Да биде посебен момент. Многу модни куќи побараа да бидат дел од изложбата, или прашаа зошто не се,“ забележува тој, но тоа што се држел само до пионери му помогнало да го изгради и извиши критериумот.

Надвор од модната индустрија, фрлаат поглед на начинот на кој модните феномени протекле во другите светови.

„На крајот на ‘90-те, ако си уметник, не можеше да се бавиш со мода, затоа што тоа значеше поткопување на твоето дело,“ вели Александр. „Овде повторно почна соработката меѓу модата и уметноста, како што било и во ‘30-те и како што е денес.“

Клучен резултат од модата во 1997 е важноста на вреднувањето на автентичноста и независноста.

„Да не се плашиш да бидеш изрод - да бидеш свој, и да немаш желба да ги задоволиш социјалните мрежи,“ вели Александр. „Дизајнерите сега се плашат да згрешат, имаат уплав од негативни реакции.“ А не дека критикувањето не било фактор порано - Александар Мекквин се вознемири кога неговата прва колекција за Живанши ја искритикуваа „како за маскенбал“.

Ова не значи дека дизајнерите не треба да сносат последици за бесчувствителност или превид, туку дека релјефот се има сменето - недостатокот на разноликост и идеите што се базираат на културолошко присвојување веќе не поминуваат како статус кво.

„Ова се нови узди што треба да ни бидат силни страни,“ вели Александр.

Текстот што воведува во изложбата вели дека модата поминува низ длабински промени (предизвикани од феминизмот, инклузивноста, екологијата) и дека не можеме да гледаме на минатото без да забележиме колку далеку сме стигнале.

Современите дизајнери можеби се борат со поинакви грижи денес, но некои нешта остануваат исти. Ефектот на колекциите треба да биде воодушевувачки.

„Сакам да се чувствувате згрозено или возбудено. Не сакам од овде да излезете како да сте биле на неделен ручек,“ рече еднаш Александар Мекквин.

6 април 2023 - 00:00