Овој пат, има ситуација со мајка на две деца и бебиситерка. И излагањето е следно:
„Имам 37 години, две деца од 4 и 8 години и ми ги чуваше една шеснаесетгодишна девојка два месеци. Доаѓаше од 9 до 19 часот од понеделник до сабота. Таа е тивка и слатка девојка и ја бива со децата, сме имале по некој ситен проблем повремено, ама ништо страшно. Кога прв пат почна да ми ги чува децата, ја прашав дали има некакви пијалоци или грицки што би сакала да ги купам за дома и ми кажа дека многу сака seltzer water.“
Уредник: Ова е нешто како кисела вода, ама не баш - овде е детално објаснета разликата меѓу селцер вода, сода вода и минерална вода. Бидејќи е само газирана вода, понекогаш ѝ додаваат вкусови, што би објаснило зошто едно девојче би уживало да се налева со нејзе. Да ја викаме селцер вода за потребите на текстот. Плус, постојат и алкохолни селцери.
„И така купив селцер вода првиот месец, но искрено после тоа заборавив и не купував.
Пред неколку дена купив алкохолни селцери за мене и за маж ми и воопшто не ги помислив. Кратко после 2 попладне, таа ми прати порака дека не ѝ е добро и дека можеби мора да оди дома, па ако сум можела да излезам од работа порано. Ја замолив да проба да издржи до крајот на денот. Кратко после тоа ми се јави со плачење и ми кажа дека нешто не е во ред и дека мора да си оди.
Јасно беше дека е пијана, ги испила алкохолните селцери. Ѝ реков да си оди и си отиде пешки до дома. Следниот ден ми прати порака да ми каже дека сега знае дека тоа било алкохол и дека не знаела, затоа што никогаш претходно не пиела - двајцата родители ѝ биле алкохоличари и имала дијагностицирано пост-трауматски синдром во врска со алкохол, па никогаш не ни планирала да почне да пие.
Ѝ реков да не се враќа и да не ми ги става децата во опасност. Ми се јави со плачење и ми рече дека не знаела, дека многу ги сака моите деца и никогаш не би пиела во нивно присуство, или воопшто и дека ѝ требаат парите да си ја плати возачката дозвола (доаѓа од сиромашно семејство). Ѝ реков да си најде вистинска работа и дека не сум ѝ крива што се начукала. Маж ми ми вика дека сум безобразна и дека пробала ете, да ме контактира кога видела дека не ѝ е добро. Децата се вознемирени што веќе не доаѓа. И, јас ли сум гомното во случајов?“
Претпоставуваме дека веќе имате креирано мислење, ама сите одговори од корисниците се од прилика вакви:
Ти си безбожно гомно. Тие пијалоци се прилично нови на пазарот и не треба да се очекува некој што мрази алкохол да знае за нив. Колку било зрело од нејзина страна што ти кажала. Колку незрело од твоја страна што си направила така. Ти си гомното.
Друг:
Девојчево ти работи 60 саати неделно (се надевам дека одлично ја плаќаш за тоа), ти си прашала какви грицки и сокови сака, па „си заборавила“ после некое време, па таа видела нешто што личи на селцер вода и згрешила. И после сѐ што работела за тебе, ти си ѝ рекла да си најде вистинска работа? Плус, веднаш ти се јавила и ти рекла дека не ѝ е добро и твојот одговор е да издржи? Што ти е на тебе? И си ја пуштила да си оди пешки.
Трет:
Да. Прво, ти работи 10 часа на ден, шест дена во неделата - тоа се 60 часа. За шеснаесетгодишна. Потоа, „забораваш“ да купиш селцер, па ставаш алкохолен селцер во фрижидер. Ја праша дали ги разликува? Звучи како добро дете што згрешило. Има среќа што повеќе нема да има таков ужасен работодавач.
И на крај:
Не знаела дека има алкохол, го испила, ѝ се слошило (можеби не ни знае како е да си пијан) и ти се јавила, си игнорирала, пробала да се смири, испила уште малку, стварно се начукала, ти побарала помош уште еднаш и ти ја отпушташ. Ти си таа што ги ставила децата во опасност, не таа.
Лесно е да се намрази женава, но сепак, приказнава има среќен крај, затоа што го има ажурирано постот:
Добро, дечки, јас сум гомното. Јасно ми е. Ви благодарам. Пак ќе ја викнам. Ќе ја плаќам 1500 долари неделно од сега и ќе ѝ ги платам возачката и полагањето.
Целава ситуација е само доказ дека кога е човек спремен да се преиспита, работите си доаѓаат на место.
Штета што сѐ помалку луѓе имаат волја за интроспекција.
Него, замислете само колку поинаку ќе се одвиваше целава оваа ситуација само да беше географски, социолошки и културно сместена кај нас!