„Јас да ти кажам“: Приказна за луѓето што знаат сè

Таа една личност. Најмногу зборува, ретко што има да каже. Покрај неа другите добиваат нагон за расправија, се повлекуваат или озарено слушаат мислејќи дека тоа е универзална вистина. Таа, една личност што знае сè. А не знае ништо. Постручна од струката, личност што „знае“. Сè. Тоа што некои ја гледаат како силна и самоуверена личност, тоа е вистина. Додуша, зависи кого ќе прашаш.

Прашање е дали се работи за самодоверба или за нешто друго, затоа што самоуверен можеш да бидеш во некои сфери, додека во други и не баш (добар лекар, ама лошо пече ракија). Проценката на своите способности претходи на тоа некој да се почувствува самоуверено, ама затоа што самопроценката може да биде погрешна, се јавува јаз меѓу „да се биде“ и „кога би било“. Така се случува луѓето малку да знаат, да бидат несвесни за своето незнаење, ама баш заради тоа да се сметаат попаметни и дораснати да попуваат. Можеби некои нема да се согласат дека „попување“ е вистинскиот збор, ама - тука некаде е. „Јас да ти кажам, подобро ти е вака да направиш“, не е една, а уште помалку најдобра изјава. Сепак е веродостоен опис на појавата. На феноменот. Луѓе што „знаат сè“.

„Не е невообичаено нашата слика за себе да се разликува од она како нè гледаат другите. Луѓето што спаѓаат во категоријата ‘јас да ти кажам, да ти објаснам‘ себеси се гледаат како подобри, поуспешни, попаметни отколку што се во реалноста. Тоа станува проблем кога опкружувањето покажува дека ги гледа на истиот начин на кои тие се гледаат себеси. Во обид да ја зачуваат сликата за себе, овие луѓе ќе направат сè за да го омаловажат, понижат и дискредитираат мислењето, а често и самата личност која им се спротиставува, бидејќи за нив е тоа борба за доживување на личните вредности, кој е некогаш поврзан и со доживување на правото на живот,“ вели психотерапевтката Светлана Мајкиќ.

Кога нешто е недостапно, станува невозможно за осознавање. Ако нешто недостапно стане нечија експертиза, а особено ако има многу такви експертизи - самодобербата доаѓа од местото што се вика Отсуство на свест.

„Jас да ти кажам“-типови знаат да бидат иритантни, но преставата што ја изведуваат со своето сезнаење е шоу што мора да биде одликувано. Се случува, и тоа неретко, тие кои без пардон им „држат слово“ на другите на секакви теми, ретко да имаат што друго да понудат. Некои доктори на науки „по све“ се познати по тоа што, немаат работено еден ден во животот, или само еден испит им е останат, ама професорот ги мразел, инаку би биле сопственици на корпорација. Или сè заедно. Или можеби не баш сè, ама има комбинации.

„Со ова се бавеше и истражувањето чиј резултат беше Данинг-Кругер ефектот, кој го добива името по истражувачите. Ако знаењето го претставиме како кружница, тогаш со обемот на кружницата може да се претстави свеста на личноста што знае сè за тоа. Колку е знаењето поголемо, обемот на кругот е поголем и свеста за тоа што не го знаеме е поголема, па одважноста и доживувањето на овие луѓе дека сè знаат е помала. Обратно е кај тие што малку знаат… Колку помалку знаат, нивната свест за она што не го знаат е помала, а со самото тоа и проценката дека немаат што да научат или да чујат од некој друг е помала, па се посклони да држат предавања на луѓето во својата околина. Интересно е што ова истражување е спроведено и во Кина, каде што дало сосема спротивни резултати, што објаснува дека кај нив на општествените процеси влијаат оние што знаат повеќе. Ова прави разлика и кога е во прашање која група на луѓе е елита во општеството. Општества во кои елитата се оние кои се самоуверени бидејќи се свесни за знаењата и способностите што ги поседуваат и реалистични во својата самопроценка, ќе бидат во предност бидејќи на промените во општеството ќе влијаат оние кои можат позитивно да влијаат на неговиот напредок,“ објаснува Мајкиќ.

Малку знаат, многу зборуваат, а сепак успешно оставаат впечаток на луѓе со полна верба во себе и она што го зборуваат. Некогаш, презентирањето на тие ограничени податоци е толку уверливо, што ќе се збунат и вистински познавачи на одредени области. Ако „јас знам“-човек го прашате дали некоја идеја е добра, големи се шансите да не ти рече дека е супер, или лоша, туку „ова ти е боље“. Иако суштината на идејата останува непроменета со таа потенцијална интервенција.

„Во овој начин на комуницирање, важно е да се остави впечаток на другите, а соговорниците се доживуваат како публика која треба да се импресионира. Под ова некогаш се наоѓа ниско доживување на личните вредности, па на овој начин се обидуваш да привлечеш внимание на себе и да го задржиш. Во оваа потреба на себе да го задржиш вниманието стои потребата да се почувствуваме вредни за туѓото внимание, да се чувствуваме сакано, да избегаме од доживувањето на безвредноста. Во некои случаи се работи за неспособност вниманието да се дели со некој друг, затоа што тоа се доживува како порака дека не вредиме, а соочувањето со тоа доживување на безвредност, или пониска вредност може да биде болно и трауматично искуство за одредени луѓе. Последиците на овој интензивен обид да се наметнеш на другите како авторитет на знаење може кај соговорникот да предизвика доживување дека си напорен, што доведува до можно избегнување, а тоа личноста ја враќа на почеток - соочување со доживувањето на пониска вредност. Овие возрасни луѓе некогаш биле деца кои ова однесување го развиле за да привлечат внимание и да се почувствуваат вредни за љубов и припаѓање на заедницата од која потекнуваат. За да се откажат од овој образец на однесување, мораат да почнат да прават разлика меѓу внимание, прифаќање и лична вредност. Ова може да се и некогашни деца кои во нивните семејства изградиле слика за себе што не е реална, дека се вредни да им се диват, дкеа се ѕвезди, па овие нарцисоидни идеи мора некако да се одржат,“ вели Мајкиќ.

Дообјаснува и дека ваквите луѓе сакаат другите да ги доживеат како паметни и интелигентни. Како мудри поединци на кои треба да им се восхитуваат, што може да водат. Него за сè ќе го прашуваат. Сите ќе го фалат. Оваа супериорна позиција овозможува другите да се гледаат од висина. Кај нас важи правилото „или ти, или јас“ - дека може да остане само еден, само еден да вреди како човек, а тој е човекот чиј глас се слуша. А ако вреди, тогаш тој и се прашува. Сè е во доживувањето на моќта и правото на моќ. Ова е секако заблуда, а ако може да се дискутира за достигнувањата на некој поединец, за неговата вредност како човек нема дискусија. Секоја личност е вредно човечко суштество и има право да постои.

На прв поглед би се рекло дека мажите се оние кои предничат во вакво однесување, но за жал, истражувања што би го потврдиле ова не се направени. Ваквата состојба може да е културолошки условена во традиционалните средини кои мажите ги препознаваат како мудри и оние кои треба да бидат прашани. Сепак, и кај жените може да се воочи оваа појава, само што темите се поинакви. Без разлика на полот и родот, психолошкиот механизам е ист.

Дали општеството прави нешто за да се дојде до вакво однесување? Каква слика кројат медиумите, дали се луѓето свесни „во чии раце е воланот“? Кого слушаме? Кого цениме? Кого слушаме, кого прекинуваме, кого замолчуваме со употреба на сила, додека глупоста е најгласна? Се наѕира ли суштината на сè што досега опстанало? Сè, каде што влегува и „дај да ти објаснам“-тип на човек.

Мајкиќ вели дека кога една заедница медиумски афирмира ваков облик на однесување, давајќи им простор на ваквите луѓе, постои можност во општеството да не се препознае вистинската елита, луѓето кои навистина се носители на знаење, вештини, умешност и способности, и за елита да се прогласат луѓето на кои им фалат здрави темели на поставена компетенција, што едно општество може да го воведе во циклус на пропаѓање или стагнација. За едно општество да оди напред, мора да се уважат знаењата, идеите и примените на оние што знаат.

-Јелена Луковиќ

2 февруари 2024 - 11:39