Итан Хок за магијата на трилогијата „Пред изгрејсонце“

„Овие три филма ми беа благослов во животот.“

Итан Хок ја опишува работата на трилогијата Пред изгрејсонце како длабоко лично и исцелувачко искуство, а во интервју со Гардијан има зборувано за вториот дел, како исклучително важно искуство во животот:

„Поминував низ многу тежок период со разводот, па тоа лето во Париз снимањето на Пред зајдисонце ми делуваше екстремно исцелувачки, кога одново се поврзав со Ричард и Џули. Со неа имавме и камео во анимираниот филм Waking Life и почнавме да фантазираме како би можеле да направиме уште еден филм заедно.“

Концептот на користење лични искуства да се создава уметност е централна точка на трилогијата, особено во отворањето на Пред зајдисонце, каде што Џеси и Селин ќе се сретнат на книжевен настан.

„Има нешто автобиографско во почетниот дијалог во книжарницата, за користење на сопствениот живот да се создава уметност - и која е вредноста на тоа. Никогаш не можеш докрај да ги најдеш одговорите, но има здрав исцелувачки процес што доаѓа со поставување на одредени прашања и се надевам дека филмот ми ги поставува.“

Третиот филм, Пред полноќ бил уникатен предизвик, затоа што од романтичен идеализам се префрла на реализмот на одржување на љубовта во долга врска.

„Сметав дека беше важно да се направи филм вкоренет во реалноста и природата на љубовта во секојдневието. Можеме ли да направиме филм за пар што се заедно со години и имаат деца, но сè уште мораат да бидат романтични, без да кажат ниедна лага? Не бевме сигурни дали ќе ѝ се допадне на публиката - не ти се гледа продолжение на Титаник, каде што Џек и Роуз се караат.“

Забележува дека било тешко да се напише главната брачна расправија, каде што целта била да се држи внимание на 30 страни дејство сместено во една соба.

„Структурата исто беше голем предизвик. Сакавме Бергман, како Сцени од еден брак, со секвенца што почнува како љубовна сцена, но завршува со раб на раскинување. Да се напише таа климактична сцена со расправија беше една од најтешките работи што сум морал да ги направам; 30 страни, без да биде здодевно, во една соба е тешко. Но, функционира како комплетен круг: како Пред изгрејсонце што почнува со пар во свои 40-ти што се караат во воз. Сфативме ддодека снимавме - еј, станавме тој пар.“

Хок има чувство на комплетност со трилогијата, иако не ја отфрла можноста одново да се врати на ликовите во иднина.

„Секогаш кога ќе направиме филм, влогот е поголем. Не би сакале да си ставаме вода во пивото. Што не значи дека нема да им се навратиме на Џеси и Селин; понекогаш размислуваме за тоа. Четврти филм би морал да функционира на начин кој би го прекршил ритамот на циклусот, можеби би обработувал смртност. Но, овие три филма ми беа благослов во животот.“

Види и: Пак да се гледа „Пред изгрејсонце“

26 ноември 2024 - 13:23