Уште има Ковид, ама па вакцините нè ослободија малку и можеме да се кладиме дека никој нема да се воздржи од празнични собиранки. Може некој ќе ве кани на ручек, може е слава, веројатно на ред чекаат журки од работа - а луѓето се одвикнати од луѓе и многумина се наоѓаат неспремни за социјална интеракција после две години гледање само со блиските.
Ова, според психологот Џени Сехам може да предизвика анксиозност. Самата таа забележува пораст во социјалната анксиозност во последно време, и без разлика што важи дека празниците знаат да бидат стресни и општо, пандемијата сè прави бетер и луѓето знаат да си кажат „не знам веќе како се правеше ова.“
За сите што ги чекаат стресови од дружење препорачува четири алатки. Првата е да се тера бавно и во сопствен ритам, односно, отпор на притисокот од другите и поставување граници во кои ни е удобно.
„Ако сте спремни за одење во ресторан - слободно - но, не затоа што сите велат дека треба да одите,“ вели таа. „Одете затоа што така сте одлучиле, затоа што така сакате. Многу е важно во денешно време да се каже, па, спремен сум да се видам со семејството. Навистина сакам да го поминам празников со нив и има луѓе што сакам да ги видам, но сакам да биде малку, тоа ми е важно. Или сакам да одам на дејт, ама сакам да сум внимателен и да носам маска.“
Втората алатка е способноста да се насмееш, и се однесува на таа чудност, воздржаност, па зборување ко навиени од што не сме навикнати. „Важно е да не си земаме при срце и да се насмееме. Ова е време кога сите минуваме низ нешто комплицирано и вреди да се шегуваме на таа тема,“ вели Сехам.
Третото е способноста да се признае чудното чувство што нè опкружува. Да признаеме дека се појавуваат шанси за празниците - да се видиме со драги луѓе, да излегуваме повеќе, а притоа да се чувствуваме безбедно и тоа е чудно и е несекојдневно.
Последното е едноставно, преземање акција - правење. Сехам вели дека е време да си излеземе од глава. Кога зборуваме за анксиозност и загриженост, понекогаш ни се чини дека трескаме глупости и немаме што попаметно да кажеме, според нејзе. „Често знаеме да се занесеме со загрижувачки мисли, па најдобар начин да се справиме со тоа е да одиме и да правиме нешто, наместо да заглавиме во размислувања. Треба да се тера во секој случај, дури и да ни се чини дека ‘ќе ни биде глупо’ или ‘ќе изгледа глупо’,“ вели таа.
Она што треба да ни влезе во глава е дека нештото може да биде тешко, чудно и непријатно - но се преживува.
Сехам смета дека изложеноста е витална за надминување на анксиозноста, но ако некоја ситуација ни е премногу - на пример, на забава сте веќе еден час и сѐ уште ве фаќаат нервите - дајте си дозвола да заминете. И ако дојдете дома уверени дека некако сте се избрукале, време е да се „отпушти внатрешниот критичар.“
Патот до тоа да се биде дружељубива пеперутка (или човек што успева да помине разговор за времето без да посака да се акне од земја) е долг и мачен, но можно е да вреди да се изоди. Без разлика дали се работи за празничен собир, или скромна вечера во ресторан, социјализацијата е сепак важна, според Сехам.
„Навистина би сакала да ги охрабрам луѓето да се дружат; мораме да бидеме едни со други,“ заклучува таа. „Конекцијата е дел од човечката природа и од менталното здравје. Да, непријатно е. Чудно е. И секако потребно.“