Хит за зимска сезона ’77: Каубојките на Борово!

Зимските излози на „Борово“ ќе ни помогнат во овие студени денови сосема лесно и едноставно да решиме дел од нашите зимски проблеми - без разлика дали се работи за себе, член на семејството или можеби подарок за најблиските!

Овој ентузијазам со извичници делумно се должи на тоа што сме возбудени што начекавме времеплов-реклама за чизми, а делумно затоа што ја пренесуваме во оригинал. А малку работи бараат толку ентузијазам како нови каубојки од „Борово“.

Вака вели:

Ако овде ви кажеме дека во продавниците на „Борово“ - а ги има 604 ширум Југославија - ќе имате помагачи во остварувањето на вашите желби, тогаш тоа ќе значи дека моделите на „Борово“, што денес ги среќавате во нашата ревија, нема да останат само во ревијата, во квадратна колор-слика, туку стојат при рака на секој што е љубопитен.

Го гледате ли вие тоа СЕО?

Што е најважно, креаторите во „Борово“ ги погодија желбите на сите потрошувачи од сите возрасти, водејќи сметка зимските чизмички да се вклопуваат и во облеката.

Токму затоа и свои модели ќе најдат и помладите кои се склони кон модните новости и оние кои, кога се работи за обувки, бараат обувки за сериозни луѓе - кои одговараат со нивните години.

А сега, одиме во детали, на начин на кој ни Вог не му е рамен:

Младешки чизмички „Борово“ - женски и машки

Се носат со џинс, сомот и слично. Тоа се т.н. „каубојки“, денес моден хит на младите - панталоните се вовлекуваат во чизмите…

ТАА:

…Носи тип на рамно кроени чизми кои „се фалтаат“, од природна кожа. Боја: тутун и сива… Поставени со природна кожа… Потпетици: кожни, во слоеви.

ДЕТЕ:

…Исто така рамно кроени - со нагласување на вестерн стилот со шиењето и линијата - изработени од кожа во бордо боја; ѓонот е од термо пластика, посветла боја; поставени се со вештачко крзно; потпетиците се тенки и пошироки, стабилни; наменети за возраст до 13 години… Многу лесни за облекување.

ТОЈ:

…Темнокафени, кроени „уз нога“ - со кожна постава; долните делови се од кожа, имаат гумен ребрест полуѓон, што спречува лизгање. Потпетиците се ниски, слоевити, кожни. Имаат патент за затворање.

Овој модел е наменет за вашето дете (машко или женско) за слободно и безгрижно шврљање по снегот…

Лицето и ѓонот се од хума. Ѓонот не лизга: на врвот има шарен ластик што спречува да влезе снег во чизмата. Поставени со чоја - многу се топли, идеални за деца и играње на снег.

Боја: жолта со син украс - имитација на врзување. Се облекуваат многу лесно…

Обработка: Југопапир, од ТВ Новости, декември 1976.

Ви благодариме што се возевте со нашиот времеплов, сега марш мирно надвор, од левата страна имате кинеска продавница за кондури, од десната, за разлика од пред 20 години, сега ќе се израдувате дека ќе најдете турска роба.

Борово форевер.

22 декември 2020 - 10:49