Голата вистина за појавата на Бјанка Сенсори

Од каде да почнеме со Бјанка Сенсори, австралиската манекенка, „главната за архитектура“ во Јизи, жена му на Канје Вест и скоро голата жена на црвениот тепих на Греми наградите?

Пишува за Британски Вог: Рејвен Смит

Во неделата, Бјанка излезе во црна бунда, што за кратко ја спушти за да открие толку прозирен фустан, толкаво отсуство на долна облека, што се виде целата голотија под него. Канје, од друга страна, носеше црна маица и панталони.

Денови подоцна, сите имаме прашања за нејзиното чувство за автономија, за ослободување, за феминизам, за нашиот феминизам и нивото на учество во начинот на кој таа се појавува на светската сцена.

Иако изгледа врие од самодоверба, односот со Канје, и романтичен и за имиџ, се критикува онлајн како можеби со претерано влијание, потенцијално на раб на контролирачки. Луѓе се секираат заради тишината на оваа жена: Многу малку сме слушнале од Бјанка откако е со Канје, што е исклучително поинаква ситуација од неговите врски со бескрајниот извор за цитирање наречен Џулија Фокс, или моќната поранешна сопруга, Ким Кардашијан.

Повеќето жени на доделувањето на Греми наградите - во оваа нивна година што беше како посветена на женски свет - беа таму заради талент и јасни достигнувања. Со тоа и појавата на црвениот тепих стои само на површината: Гледаме како се облечени, па проценуваме дали тоа функционира. На оваа пракса, сенка фрлаат длабоко вкоренетите, длабоко старомодни стандарди за тоа како жените треба да се однесуваат за да изгледаат „пристојно“, а со тоа и пожелно (за мажи, за други жени). Сите имаме свои граници во песок за тоа што значи премногу за една жена да разголи: што е евтино, што е курвинско, што е сељачко.

Во најдобар случај, модата отсекогаш ја славела сензуалноста на телото, наспроти неимагинативната, базична провокација на голотијата. Но, имам некое незгодно чувство дека фустанот на Бјанка не бил облечен со намера да се продолжи модниот дијалог со другите жени. Беше исклучиво наменет за провокација.

Иако не сум уверена дека нашиот суд за понепрозирните, помалку голи фустани на црвениот тепих ни е најјака страна, сепак се однесува и на нашето разбирање за жените што ги носат, или барем имиџот што го имаат во медиумите. Само ми е гадничко што толку малку знаеме за Бјанка. Иако личи како да има смисла за хумор, сѐ што знам за неа е дека има мерак за разголување.

Се разбира, вреди и идејата „нејзино тело, нејзин избор“. Мразам да го истакнувам очигледното, но сепак, жените можат да облечат што сакаат. Можат колку сакаат да облекуваат прозирни костими и танги. Можат да го заведуваат машкиот поглед. Да направат милијарда избори што ние самите не би ги направиле и тоа сепак да не значи дека некој ги тера со сила, дека се жртви на некој нападен, дека нешто предаторско се има случено. Мислам дека не треба да претпоставуваме само затоа што Бјанка е гола, дека нема комплетна контрола над себеси. Не треба да скокаме до заклучоци само затоа што „не ни е убаво чувството“ да ја видиме комплетно гола. Затоа што Бјанка не зборува, затоа што немаме увид во никакви подлабоки мотивации (или личност), тишината нè тера сами да гребеме по одговори.

Но, можеби Бјанка токму тоа го сака.

6 февруари 2025 - 23:51