Најдов конечно кои ми биле дигиталните маки. Пред да го прочитам текстот на Харлинг Рос, каде што авторката очајува по лична перспектива не ми текнуваше што точно ми фали во новото интернет време. И кога видов како моли со „блогови ми требаат, дајте интернет од 2012, ама дајте го во 2020, дајте наслови неоптоварени со СЕО, дајте река од мисли…“ ми стана јасно. Од интернет полн со луѓе, станавме интернет полн со роботски реченици, склопени во статии што личат една на друга, склопени во сајтови што си крадат еден од друг, склопени во мрежа што станува неподносливо досадна. А на секоја точка и секоја запирка, по едно (две, три, сто) урлања од луѓе што се научиле дека „тоа е мое мислење“ е валиден аргумент за сѐ што постои, па и наука ако треба. Тоа е негово мислење, шо?
Ви текнува дека порано имавме блогерај? Еден тон глупи и паметни луѓе имаше таму, и секој имаше свој двор, со лопати, со метли, со ѓубре, со сѐ што треба. Луѓето таму како да разбираа што значи да имаш сопствена платформа што треба да ја оддржуваш секојдневно, или макар еднаш неделно, имаа правец и имаа поента (дури и кога немаа).
Поминаа неколку години и дојде времето на колумни. Во 2012 мислев дека никогаш, ама никогаш нема да ми снема муабет за „Штикли на калдрма“. Се разбира дека се заебав. Дојде време каде што културата, ноќниот живот, градот и раатот чекаа на ред за медиумско внимание, додека сите (сите!) медиуми пратеа што прави политичкиот свет. И во слободно време и на работа. Аналогно, останатиот дел од светот почна исклучиво со тоа да се бави.
Муабет снема.
Во такви моменти се повлекуваш, седиш на страна и чекаш поубави времиња.
Некогаш чекаш долго.
Во меѓувреме следиш и гледаш дека нема крај бучавата, нема крај неписменото урлање, ама и тоа паѓа во сенка кога ќе настапи квази-интелектуалата наоружана со клучни зборови, СЕО-вски наредени еден преку друг, во млатење празна слама и наметнување лажен авторитет над „оние поглупите“.
Дојде време на корона, а двете страни сѐ уште владеат.
Меѓу нив, паровите што излегува дека сите се составени од дечко што знае гитара и девојка што знае да запее.
(Ништо против, има таму и дуети што совршено одговараат во зачаден џез клуб со фотељи од бордо плиш, незаверени љубовници сокриени во ќошеви и шанкер што уста не отвара)
И што се случува?
Чекајте да си ја остварам желбата за лична перспектива во текст, а и желбата на Харлинг Рос која потскокнува на секое „јас“ што ќе го најде онлајн.
Прво станувам, или ме буди мачка и среќна сум што коронава ме фати во време на сериозно рестриктивна диета. Да не бев со тој ниет, познавајќи се себеси и експериментите за благо, а познавајќи го и татко ми (исто така во изолација, на друго место) и неговата умешност за месење и готвење, од карантин немаше да излезам, од проста причина што физички немаше да ме собира низ врата.
Пијам кафе на минијатурна тераса и слушам само кучиња и еден ентузијастичен, „т’п и упорит“ Старо купуем. Животот не ми е богзнае колку сменет - од дома работам и без корона. Од пред корона (и пред многу други работи) во кола имам средство за дезинфекција, и прашина бришам со марамици што мирисаат на забарска ординација, раце мијам при секое допирање на квака, патос, кондури, клуч, нешто што било надвор, нешто што било внатре, ама на под, и така натаму.
И со моите се гледам, ама на видео повик. И со другарките пијам кафе, ама на Инстаграм. Мојата помудра половина, излегува и храни улично маче што успеало да го заведе и убеди дека е вечно гладно, заборавајќи притоа дека однесување како „никад нејаден“ е мачкин модус операнди и тоа треба да му е јасно од дебелкастите мачиња дома.
Што не значи дека ќе престане и дека треба да престане да оди и специјално да му носи храна, а не значи и општо дека треба да заборавиме на животинките во нашиот короносан хабитат. Ама - во рамки на препораките, кои само малку да ги парафразирате, нема толку да ве нервираат затоа што се повик за логично однесување во вакво глупо невреме: Изолирај се, не биди глуп.
Да, знае да биде тешко да бидеш сам со себе и изборите што си ги направил во животот, ама твои си се.
Патем, пола потесна фамилија ми е во Италија, вклучувајќи ја и мојата 73-годишна баба. Во северна Италија. Ама добри се.
Како и во поплаките тука, збрлавувам што секој втор муабет е колку се нови, колку умреле, што вика Италија, леле Америка ќе го изеде, местено е, не е местено, фала богу што ова, леле замисли да она, дали се нормални што возат по Јуриј Гагарин во 22:15, шо сакам да ги фатат џандари, уствари не сакам, може си имаат мака луѓето, уствари гарант по гости идат глупи ниедни, како ќе преживеат фризерите, како ќе преживеат уметниците, дали на крајот од сѐ ова ќе биде ново и свежо или издишано и грдо…
Од набројаното, би сакала да верувам дека нѐ чека ново, свежо и попаметно после овој шамар.
А сега, одам да пијам кафе.
Фала Харлинг Рос, поубаво е вака. Макар и хаотично.
Јана