Сте го сонувале ли некогаш телефонот? Ни ние.

Паметните уреди ни се составен дел од животот, телефоните уште малку ќе ни се залепат за рака, а сепак - никогаш не ги сонуваме. Зошто е тоа така?

Иако често не се сеќаваме што сме сонувале, речиси сите сонуваме секоја вечер. Интересно е дека мажите и жените сонуваат различно: жените почесто сонуваат познати луѓе и места, како дом и работно место, а мажите често сонуваат отворен простор и непознати лица.

Едно им е заедничко на сите - речиси никој не сонува телефон.

Според истражувањата, само 2,7% од мажите и 3,5% од жените некогаш сонувале свој уред и тоа е навистина чудно, ако се има предвид колку сме врзани за нив додека сме будни. Другите технологии, пак, редовно се појавуваат во соништата - автомобили, бродови, авиони... Дури и телевизијата, кога станала во боја, влијаела на тоа луѓето да престанат да сонуваат црно-бело.

Психологот и истражувач на соништа д-р Кели Булкли објаснува дека „најновите технологии не се нужно најважни во светот на соништата“. Во текст за Psychology Today тој пишува дека транспортните технологии имале многу поголемо влијание од комуникациските.

„Додадете камиони и автобуси на автомобилите,“ вели тој, „и ќе видите дека моторите со внатрешно согорување владеат во соништата на луѓето.“

Д-р Булкли признава дека не е сигурен зошто е тоа така, но претпоставува дека технологиите за движење имаат „повеќе телесен, висцерален ефект“. Телефоните, филмовите и компјутерите можат да бидат фасцинантни, објаснува тој, но не ја активираат телесната перцепција како што тоа го прави возењето автомобил. На крај, додава, најчестата технологија во соништата и натаму останува онаа измислена пред повеќе од еден век.

Писателката Алиса Роб, авторка на книгата Why We Dream, нуди уште една теорија - хипотезата за симулација на закана. Според неа, соништата служат како психолошка вежба за опасни или стресни ситуации. „Соништата ни овозможуваат да се справиме со стравовите и анксиозностите во контролирана, безбедна средина,“ објаснува таа. Затоа, почесто сонуваме сцени со борба, бегство или преживување, отколку нешта од модерниот живот како читање, пишување или користење технологија.

Д-р Булкли додава дека иднината можеби ќе донесе промени - со подемот на виртуелната реалност, би можеле да почнеме да сонуваме повеќе сцени поврзани со дигитални светови. Дотогаш, сè укажува на тоа дека автомобилите ќе останат главната технолошка ѕвезда на нашите соништа.

10 ноември 2025 - 12:18