Го дотепаа кокосовото масло

Сега отров било, за тоа веќе пишувавме, ама се јавија уште професори од реномирани школи да нè караат што претеруваме.

Дека е отров тврди д-р Карин Мишелс, професорка на училиште за јавно здравје при Харвард, поточно, го нарече „отров” на едно германско предавање со наслов „Кокосово масло и други грешки околу исхраната,” според Јуесеј Тудеј. Видеото од предавањето има скоро милион прегледи на Јутјуб.

„Морам сериозно да ве предупредам за кокосовото масло,” вели Мишелс. „Ова е една од најлошите намирници што можете да ги внесете.”

За тоа пишувавме овде.

Д-р Френк Сакс, од истото училиште ги објаснува последиците од консумирање заситени масни киселини за Бостон Глоуб: „Кокосовото масло има големи количини на заситени маснотии и го крева лошиот холестерол. Не е здраво за јадење.”

За Њујорк Тајмс, д-р- Алис Х. Лихтенштајн забележува дека нема никакви податоци кои би ја објасниле возбудата за кокосовото масло како здрава состојка. Според нејзе, „нема независен бенефит од консумирање.”

Сиенен известува дека дури 72 проценти од американците (а само 37 проценти од нутриционистите) веруваат дека кокосовото масло е здраво.

И на крај, д-р Том Брена од Корнел, за Њујорк Тајмс вели: „Ако веќе го користите, нека биде virgin верзија… и се разбира, умереност во сè.”

Крајот не можеш да им го фатиш. Нè караа скоро и дека го користиме за козметика.

И ако баш ви е шубе и се сомневате, има едно што чини. И тоа не со пренамагање меѓу научници, туку стварно изгледа. И еве го.

27 август 2018 - 14:41