Пред шест или седум години, напишав стенд-ап рутина за постојаното проширување што од LGB доведе до постоењето на LGBT, па LGBTQI и така натаму. Сценариото се вртеше околу концептот на она што може да се случи ако низата букви продолжи да расте додека не се употреби целата азбука. До 2016, шегата веќе застаре, и тоа не затоа што идентитетската политика престана да биде важна - далеку од тоа - туку затоа што „заедницата“ за која зборувам веќе ја однесе шегата подалеку отколку што јас замислував, дури и до точка на дуплирање букви и додавање бројки, чисто онака, колку да се додаде нешто.
Некои активисти го поддржаа LGBTQIA+. Некои сметаа дека не е доволно инклузивно за тие што се идентификуваат како „дво-духовни“, па преферираа LGBT2K+. Па, се појави LGBTQ2SIA, што не треба да го мешате со LGBTQQIP2SAA.
Одма ми текнува на Народниот фронт на Јудеја што се расправа со Јудејскиот народен фронт.
Знамето на Гордоста помина низ слично избезумувачка метаморфоза. Дизајнирано во доцните ’70, како гест на моќ и отпор, го оддалечија од виолетовиот триаголник што си го присвоија нацистите за концентрациони логори. Новиот симбол со виножито беше свесен обид за дистанцирање од такви мрачни конотации и требаше да изразува повесел и пооптимистичен исход.
Оригиналното беше со осум бои, но брзо потоа ги намалија на поударни шест, и така беше долги години. Со незаузданото ескалирање на идентитетската политика и интерсекционалноста во последните неколку години, различни групи се натпреваруваа за „претставување“ на знамето. „Знамето на прогресот“, на пример, додава и чин со пет ленти: розевото, светлосиното и белото се за транс права, а црното и кафеното за луѓе во боја - како оригиналното знаме да ги претставуваше во буквална смисла сите бои на кожа прифатливи во геј заедницата.
Ако ве буни ова, не сте единствени. Сега кога Гордоста има сопствен месец (февруари отсекогаш бил најгеј месец), има знамиња за секоја сексуалност или родов идентитет што може да ви падне на памет. Не мора да значи дека баш тоа знаме претставува групи што историски биле под притисок - повеќе се работи за една турлитава од неологизми кои можеш да си ги бираш како да се некои модни додатоци.
Така, сега имате знамиња за луѓе што се идентификуваат како:
панродови, апорародови, ародови, биродови, триродови, родово-квир, родово-флуидни, демиродови, демиженски, демимашки, неутрои, полиаморни, небинарни, асексуални, омнисексуални, полисексуални, абросексуални, андросексуални, гиносексуални, сколиосексуални, аромантични, родово-љубопитни, родово-неконформни, и многу други. Сигурно би било полесно да се направи едно џиновско знаме за нарцисоидни и да завршиме еднаш со тоа.
Оваа опсесија со специфични идентитети ја надминува идејата дека во срцето на родот и сексуалноста стои идејата за избор. Работи директно контра „вака родени“-мантрата на различните движења за ослободување на геј популацијата во 20-от век. Во голема мера е развој од социјално-конструктивната догма на Квир-теоријата што беше модерна кон крајот на ’90-те и почетокот на новиот милениум, што ја одбиваше идејата за биолошкиот есенцијализам како опресија. Иако обожувањето на Мајк Фокол е застарена работа во академските кругови, главните идеи си најдоа место во мејнстримот, особено акцентот на оние небулозни структури на моќ за кои постојано слушаме во божем доминантните кругови.
Од друга страна, пак, многу транс-активисти ги следат идеите на раните движења за геј права, надминувајќи го биолошко-суштинскиот аргумент дека се родени со машки или женски мозоци во тела на спротивниот пол. Многу идеолози за социјална правда дури и се обидуваат да ги држат двете позиции одеднаш, тврдејќи дека полот е општествена конструкција, но и дека трансродовите лица се родени во погрешно тело. Конзистентноста не им е некоја јака страна.
И како што лексиконот на LGBTQIA+ движењата станува уште поапсурден, човек не може да се изземе од чувството дека многу од неговите заговарачи се носталгични за опресијата од минатото. Денешните идентитетски политики влечат корени од наративот на жртва. Ова има смисла во земји каде што да се биде геј е нелегално, дури и казниво со смрт, но нема никаква смисла на пример, во Велика Британија каде што долго имаме еднакви права.
Ова не значи дека хомофобијата престанала да постои, или дека не треба жестоко да ѝ се спротиставуваме каде и да ја начекаме, но да се биде геј во Обединетото кралство во 2020 веќе не носи ризик од апсење или социјално отфрлање. Навреда е за достигнувањата на истакнатите борци за граѓански права од минатото да се преправаме дека геј-луѓето се поизмалтретирани од кога и да е. Споредено со Харви Милк и Сторме Деларвери, денешните LGBTQIA+ активисти личат на легнати пијандури што уште мафтаат со раце против замислениот противник, долго откако кафаната ќе затвори.
Затоа, кога Аванти Вест Коуст го најави својот „Воз на гордоста“ минатата недела, како да можеше да се почувствува колективната брука на припадниците на ЛГБТ заедницата ширум земјава. Ишаран со боите на подобреното „прогресивно“ знаме на гордоста, овој кошмарен спектакл поштено си одвреска од Лондон Јустон до Манчестер Пикадили, заедно со одобрувачките фанфари на британските медиуми. Немаше хетеросексуален персонал, објавите се китеа со факти за Гордоста и нејзината историја, а имаше и задолжителни паузи со танцување на Уај Ем Си Еј за сите патници. Иако ова последново си го измислив, може и да е вистина.
Борбата за геј права беше за еднаков третман пред законот и за светот да ги види оние кои беа принудени да се повлечат во сенките на општеството за да се спасат од ловот на државата. Сега кога таа еднаквост е постигната, Гордоста премина во една корпоративна оргија на идентитаријанизам. Знамето со виножито и сите негови напорни спинофи, стануваат маркер за доблест на компании што сакаат да им продаваат производи на лесноумните и да ја објават својата посветеност на „разноликост и инклузија“. Минатата година ја имав таа несреќа да вечерам во еден ресторан во Сохо, преплавен со виножита и знаци што отворено тврдеа дека компанијата поддржува еднакви права за ЛГБТ-луѓето. Зошто би помислиле дека некој ќе сфати поинаку? Ако ништо друго, дуќан што има потреба да урла како не дискриминира геј луѓе, ме тера да помислам дека е тајно хомофобичен.
Има едно меме на социјалните мрежи за Месецот на гордоста што прикажува страшно суштество како од Пеколот на Данте, како привлекува долга редица од геј луѓе во својата отворена уста со стратешки наместено виножито-знаме. Цинизмот личи оправдан. Повеќето корпорации сигурно не славеа Гордост така отворено, пред да се отвори Секцијата 28 во 2003, или пред да се декриминализира хомосексуалноста во Шкотска во 1980. Нивната посветеност на ЛГБТ права изгледа се манифестира само кога им носи профит.
Во сличен контекст, сега кога компаниите сложно ја експлоатираат историјата на геј правата за лесна пара, па не е ни некое изненадување што Аванти тврди дека новиот Воз на гордоста „ги става луѓето од разни раси, трансродовите лица и оние кои живеат, или се изгубени поради ХИВ/СИДА на сцена“. Ако се грижиме за социјална хармонија, сигурно има подобри начини да се постигне оваа цел, отколку медиум да ти биде еден ужасно грд воз.
Мене идејата за славење на нечија хетеросексуалност, хомосексуалност или бисексуалност ми има смисла колку гордеење со тоа што си деснорак или имаш сини очи. Да, разбирам дека на некои луѓе идејата за сексуален идентитет им е сѐ уште важна, и не приговарам ако некој сака да учествува во настани поврзани со Прајд. Само ми личи дека е штета што знамето повеќе не е симбол на моќ или оддавање чест на успехот на историските борби на хомосексуалците, туку една алатка за суетни корпорации и сигнал дека некој има поделен идеолошки поглед на светот.
Не сум единствен што има забележано дека некои од најзлобните и најсилеџиски настроени индивидуи на социјалните мрежи, имаат виножито во био, како депресивен пример на она што се случува кога добри каузи ги прибираат нетолерантни идентитаријанци.
Не е ни чудо што на сѐ повеќе геј луѓе им е непријатно кога се работи за знамето или сите тие разни ЛГБТ дефиниции. Сите сме за единство, еднакви права, а против предрасуди и дискриминација, што е и причината зошто знамиња и бескрајни низи на букви што предизвикуваат отуѓување се одамна веќе бескорисни. Дури и Стоунвол, британската пред-еминентна група за геј права предизвикува поделби со хомофобичното редефинирање на хомосексуалноста од „привлечност кон истиот пол“ во „привлечност кон истиот род“. Ако сме сериозни за геј еднаквост, време е да го задушиме себе-сатиризирачкиот и самобендисан бренд на идентитетска политика и да се фокусираме на целото човештво. И ова да го почнеме со распарчување на тој одвратен воз.
-Ендру Дојл е комичар и колумнист за spiked. Неговата нова книга „Мојата прва мала книга за интерсекционален активизам“ (напишана од неговото алтер-его Титанија Мекграт е достапна на Амазон)