Германската кукла што стана Барби

Оригиналниот дизајн за Барби бил базиран на ескорт-кукла (поклон за возрасни) со име Лили.

Значи не била ни забар, ни хирург, ни астронаут, ниту била играчка за мали девојчиња. За големи чичковци била.

Барби почнува во доцните 1940-ти како лик од германски стрип што го црта Рајнхард Бојтиен за хамбуршкиот таблоид Билд-Цајтунг. Ликот бил познат како Билд Лили, повоена спонзоруша која се снаоѓала заведувајќи богати мажи. Била итра и не трпела машки авторитет - во еден стрип, полицаец ја предупредува дека нелегално носи бикини на тротоар, а таа го прашува: „А според тебе, кој дел треба да го извадам?“

Станала толку популарна што во 1953, весникот решил да рекламира тридимензионална верзија што се продавала како играчка за возрасни, а се купувала во барови, трафики и секс-шопови. Често се давале на шега на ергенски вечери и виселе од ретровизори.

Родителите сметале дека е неприкладна за деца и германска брошура од 1950-те ја опишува како „секогаш дискретна“, а со нејзината импресивна гардероба - „ѕвезда во секој бар“. И навистина имала широк дијапазон на облека и додатоци што можеле да се купат, па со тек на време и девојчиња посакале да ја имаат за играње.

Во тоа време, една од основачите на Мател, Рут Хендлер, патувала низ Европа и купила неколку Лили кукли за дома. Го преработила дизајнот и ја дебитирала како Барби на еден саем за играчки во Њујорк на 9 март, 1959. Мател ги откупува правата за Билд Лили во 1964 и тука престанува да се произведува германската кукла.

Остатокот од историјата е веќе попознат, а и сигурно на Мател им е попријатен за раскажување.

28 април 2023 - 13:05