Ен Хатавеј била деветта на список за „Ѓаволот носи Прада“

Да, тешко може да се замисли филмот без неа, ама очигледно некој на почетокот го замислувал.

Ен Хатавеј минатата недела виртуелно ги посети натпреварувачите во најновата сезона на „RuPaul’s Drag Race“ за да ги охрабри и да си поразговараат пред да почнат да спремаат мјузикл. Еден од нив, Rosé, ја праша дали некогаш била приморана да „се тепа“ за улога, и му одговори: „Колку време имаш на располагање?“

Чудно е да се стави Хатавеј во позиција на лактање за улога, после толку филмови, номинации и награди, ама кога ќе размисли човек дека како нејзе има уште многу во сериозно компетитивна индустрија - јасно е. Хатавеј продолжи со разговорот кажувајќи дека била деветта на список за „Ѓаволот носи Прада“, а на аудицијата, на онакво растение во зен песоче им напишала „ангажирајте ме мене“ за да ја запамтат.

Заради огромната популарност тој период, прв избор им била Рејчел Мекадамс, која ја има одбиено улогата затоа што „не ѝ се правело филм колку да се рече дека прави филм“. На аудиција дошле и Клер Дејнс и Џулиет Луис. Замислете го филмот со Џулиет Луис наместо Хатавеј зад бирото на втората асистентка на Миранда Присли.

Хатавеј го заврши разговорот со, „На крај ја добив. Држете се и никогаш не се откажувајте.“

22 февруари 2021 - 11:25