Една занимлива шопинг филозофија

Пред некој ден, другарка ми П. на вечера ми објави дека се откажува од шопинг. Навикната сум на вакви изјави, од пријатели што се откажуваат од глутен на пример, додека си ги дојадувам тестенините. Сега шопингот е изгледа новиот глутен. Пешачев до дома таа вечер и си размислував за моите шопинг-навики. Знам точно зошто јадам глутен. Знам што ми даваат тестенините и лебот: чисто задоволство. А шопингот? Што ми дава тоа искуство, освен уште повеќе облека?

Откако знам за себе, никогаш не сум можела да си ги „почувам” новите работи што сум ги купила. Морам одма да влезам во нив. Помислата да носам нешто свежо, дека ќе пробам една сè уште неистражена верзија од себе секогаш ме електризирала. Сум се качувала по каси да ми ги извадат тие електронските тагови за да можам џемперот да го облечам уште неизлезена од продавница. Секогаш кога нешто нарачано од интернет ќе ми стигне на работа, одма одам во тоалет и се затварам да го пробам. А тие ствари што си ги чувам, сонувам да ги облечам. Тогаш, новото парче го носам два-три пати по ред додека не помине малку еуфоријата на „ново” и не престанам да го чувствувам како странско или туѓо, и конечно не стане природна состојка во дневниот рецепт за облекување.

Имав три години кога прв пат го осетив излудувачкиот ефект на облекување нешто ново. Беше тоа еден пар црни кожни Мери Џејн кондурчиња. Кога ги облекував, си бев вклопена во светот околу мене. Ме правеа целосна. Нонстоп ги носев. Благодарение на тропкањето на ѓонот и мојата навика да го истакнувам секој чекор по скалите дома со паузи, моето семејство знаеше дека се приближувам до трпезариската маса пред воопшто да ме видат. Клак-клак. Моите родители се зезаа дека толку многу ги сакам кондурите, што не ги соблекувам ни за спиење. Сега имам 23 години; уште го познавам тоа чувство.

Да облечам ново парче облека е како да сум свежо туширана, како да слушам нова песна што ме радува, или како да излезам од дома во свежо, есенско утро со музика во ушите и бескрајна волја да го направам тој ден одличен. Едни есенски чизми што ги имам, тие ме полнат со енергија да се справам и со крајот на есента и почетокот на зимата. Ми го креваат расположението, ме полнат со надеж. Животот секогаш ти дава уште една шанса, дури и да е тоа во форма на нов пар кондури.

Темната страна на шопингот е прекумерното конзумирање и брзата мода. Колку и да го донирам тоа што не го носам и колку и да се трудам да бидам паметна околу тоа што го купувам, знам дека шопингот значи дека сум неизбежно дел од еден бескраен циклус. Знам и дека избрзаното купување може да се претвори во досада или разочарување, или и двете. Често, купување на нешто ново кое изгледало како последното парче од една сложувалка што ти треба, знае да се претвори во празно парче материјал без никаква емоција во себе и тоа само по неколку недели. Одеднаш, сфаќаш дека си изигран.

Научни студии имаат докажано дека кога купуваме нешто, не се работи само за наградата да се однесе новото нешто дома и не е само тоа што нè прави среќни – исчекувањето на наградата ослободува допамин, кој дава енергија и мотивира. Овие истражувања заклучуваат дека шопингот може да биде и опасна дрога, така што, ја разбирам и другарка ми што сака да си ја врати контролата и ја носи таа одлука да се откаже комплетно од шопинг.

Но според мене, мудро купување е исто што и внимателно јадење. Имам верба во мојата способност да проценам дали сум многу гладна или само ми е досадно. Се обидувам да не купувам избрзано - нели, јадење на полноќ. Го преспивам секое парче што сакам да го купам, дури и кога мислам дека очајно ми треба. Околу 70% од гардеробата ми е половна. Се обидувам што е можно повеќе да оддолеам на попустите на луксузните брендови и да штедам пари за парчиња во кои вреди да се инвестира, особено на есен, кога еден пар многу добри чизми вреди колку илјада фини-но-баш-не-мора-да-се-купат маички.

И тоа функционира. Некои работи што ги имам во плакар се три години стари и сè уште ми го даваат тоа чувство на тазе истуширана кога ги носам.

Пред да ја поминам картичката, секогаш се прашувам неколку прашања: Имам ли веќе пет работи во гардеробата со кои ова ќе одговара? Дали се уште го сонувам, 48 часа подоцна? Дали вреди за парите? Конечниот тест е тој што влече корени од детството: Ако знам дека нештото толку многу ќе го сакам што нема да сакам да го соблечам ни за спиење, тогаш ете ми го одговорот.

Клер Бирман

7 ноември 2017 - 08:24