Џереми Скот, Москино и Фелини

Џереми Скот, оној магионичарот, имагинативниот и забавен моден цар што дизајнира за Москино, решава да ја слави работата на еден од неговите херои, Федерико Фелини, па предесенската колекција за 2019-та ја прави во негова чест. И каква колекција е тоа.

Во историското Cinecittà студио, познато и како „Фабрика на соништата”, каде што се снимени повеќе од 3000 филмови - Џереми Скот извади и манипулираше со ликови од архивите на Фелини. „Ова е Фелини,” објасни Скот после ревијата, откако му честиташе музата на италијанскиот режисер, Сандра Мило. „Ова е сè што сакам кај него измешано на едно место. Претерување, шоугрлс вон работно реме, Казанови, Центуриони. Надреално, надвор од овој свет. И истовремено е Џереми Скот и Москино.”

Фелини, инаку роден во Римини, рекол дека кога го нашол Рим, го нашол својот свет. Што наоѓа Џереми Скот во Рим?

„Магија,” одговара Скот едноставно. „Кога се шеташ навечер и ги гледаш сите тие чекори што го истражуваат градот, како да си во филм. Кога ќе поминеш покрај фонтаната Треви, мислиш на Ла Долче Вита, Анита Екберг и тој славен филмски момент, но она што го сакам кај тој филм е што е инспириран од вистински, документиран настан.”

„Ова е само вкусување на Фелини, наместо дупликат,” признава Скот. „Упорно се навраќам на идејата на шоугрлс вон работно време. „Дали си одат од снимање назад во приколка откако снимале два филма во исто време, или завршуваат со смена и се шетаат на снег?”

Нема точен одговор, сè е во театарот на секојдневието, и токму како што животот и соништата му биле сиров материјал на Фелини, ни Џереми Скот не ја губи од видик секојдневната реалност. „Оваа колекција е за енергични ликови,” додава Скот. „Такви создаваше Фелини, силни ликови што го живеат животот со полни гради и така се обидувам и јас да направам.”

И на крајот од енергичното шоу, со тој микс од фелиниевски ликови, публиката беше поздравена со порака: биди она што сакаш да бидеш. Што, како што ќе каже и i-d.vice е одлична одлука како за почеток на 2019-та.

24 јануари 2019 - 00:08