„Порано бев љубопитно, амбициозно дете, но комбинацијата од уметничко школо, проблематично семејство и лоши врски ми го уништија тоа. Се опоравувам последниве четири години, но секогаш кога моите колеги зборуваат за учење нови работи или нови вештини, добивам ужасна анксиозност.
Се плашам дека ќе заостанам. Но, кога и да отворам нов софтвер, или да почнам нов проект, едноставно зјапам во него и не знам од каде да почнам. Постојано сум оптоварена. Сега сум во ситуација кога помлади од мене ме надминуваат и меѓу тоа и знаењето дека имам ограничено време да ги правам работите што ги сакам, ќе побудалам.
Сакам да кажам, како повторно да се вљубам во цртањето?“
Ех, да се има мекиот, нежен и флексибилен ум на едно дете. Нели би било фино? Искрено, не знам дали детскиот ум така функционира. Избегнувам деца главно, да бидам искрен, и не сум научник за деца.
Но, не дојде да ме читаш за тоа што не го знам. Па, еве ти нешто што знам: сосема е природно да почувствуваш анксиозност пред да влезеш во нешто ново, а во моменталниов економски систем, ни се даваат многу причини за да го доведеме во прашање самиот обид воопшто.
Дали доволно ќе ме бива за ова за да заработам? Ќе бидам ли најдобар некогаш? Која е поентата, кога има толку многу луѓе што се подобри од мене? Ова се само неколку од досадните прашања што човек си ги поставува пред да почне нешто ново, особено кога тоа има врска со креативни правци што не се добро платени (поезија, цртање, итн.)
Од лично искусто, би рекол и дека тие што имаат потреба да креираат нешто, често имаат идеја за убавите, исполнувачки нешта што би сакале да ги направат, истовремено разбирајќи колку часови треба да се поминат на вештината пред воопшто да се обидеме да ги реализираме.
Цртањето е добар пример. Ме биваше како дете и сакав да бидам визуелен уметник. Со тек на време, премногу ми дојде едукацијата што ќе требаше да ја поминам, алатките што ќе требаше да ги набавам и целото време што ќе треба да го вложам. Избрав пишување, затоа што и тоа го сакав еднакво и повеќе ми се исплатеше.
Сепак, не престанав да сонувам за форми, за нешта што многу сакав да ги создадам и ми беше фрустрирачки да не можам да ги манифестирам. Толку ми беше неудобно, што еднаш годишно добивав напад на продуктивност, излегував, купував хартија и моливи и се обидував, без никаков резултат, да правам, правам и правам.
Фрустрирачки е да си ограничен од сопствената способност. Затоа и мислам дека ни е потребен поинаков пристап. Јас толку многу сакав цртањето да ми го даде финалниот производ што сум го сонувал, замислував совршенство. Не мислев на процесот, на задоволството само да се движи моливот, на приватната среќа од создавање уметност само заради создавање уметност, или задоволството што доаѓа од посветеноста.
Многу има смисла нашето размислување во однос на производ. Дури и никогаш да не продадеме нешто свое, капитализмот ни го оформува односот кон слободното време, креативноста и самоизразувањето. Сакаме „да нѐ бива“ за нешто. Сакаме да нѐ ценат, и да направиме нешто што е можно побеспрекорно. Ова не е затоа што сме алчни или плитки. Мислам дека вака сме научени.
Затоа мислам дека ќе ти помогне, како што мене ми помогна, да побараш нови начини на пристап кон активностите, што ти дава радост или збогатување. Се задржав на твоето „помлади ме надминуваат“ затоа што и јас токму така ги гледав работите и понекогаш, кога сум анксиозен, сѐ уште ги гледам така. Сѐ е трка. Сѐ е резултат. Сѐ се сведува на сурова аритметика: Само уште икс години имам, само уште ипсилон можности, и толку и толку луѓе постојано ме надмашуваат.
Но, она што го научив е дека не се наоѓам во натпревар со другите на тој начин. Јас сум на мисија да станам свој, најсвој што можам и како што ми се подобруваат способностите, формите во глава ми реагираат, се менуваат и она што ми останува не е нешто што лесно се споредува со нечие друго. Тоа е сосема уникатна артикулација на мене, на нештата во мојата глава.
Советот ми е да ги отстраниш другите од умот. Не го гледај како натпревар, гледај го како молитва, или како полевање растение. Тоа е тивок, личен акт на посветеност, таков што може да донесе јасност во умот. Процесот е награда сам по себе.
Кога вака го гледам тоа, ми се губи притисокот да бидам подобар од некој друг или грижата за тоа дали продуктивно го користам моето време.
Вдиши длабоко, направи го првиот чекор и види каде ќе те однесе патот.