Вчера на пример, излегувајќи од маркет, видов девојка со маска и ракавици, што фино лепо си застана до врата, си ја симна малку маската, колку да ослободи уста и нос, со ракавиците брцна во џеб, си извади цигара (со ракавиците, несменети), си ја запали и почна да пуши.
Ете колку не им е јасно.
Во меѓувреме и од кај нас и од секакви експерти од свет, стигаат тврдења, и тоа контра едни на други. Едни викаат не морате маска. Други викаат морате.
Носете маска затоа што така ги заштитувате тие околу вас.
Не носете маска затоа што дишете во неа и ја лигавите, и за кратко време ја правите неупотреблива.
Оваа пропушта.
Онаа не пропушта.
А маски нема.
Или има маски од добавувачи што решиле дека сега се нивните пет минути да дигнат спрат за синот и поткровје за ќерката во случај да ја остај мажот и шлапаат цени на маски до плафон. А народ изваден од памет - купува.
Во маркети, вработените сите препораки различно го толкуваат. Едни се нонстоп со маска. На едни им е под нос. На едни под брада. На едни на глава.
Многу сме фејл со маските. А богами и со ракавиците.
Една логика останува. Ако двајца се сретнат и двајцата имаат маски (преку нос и уста, и не на глава, аман!), нели е подобро отколку само еден од нив да има, или и двајцата да немаат? Без разлика дали едниот пушел цигара со ракавиците или не.
И во случај да немате при рака, ама имате од тие марами како погоре на сликата, еве како се прави:
Не е медицинска, не ја препорачале доктори, ама има неколку слоеви поради начинот на кој што се дипли и плус, можете да ја перете после секое излегување надвор. Ако ништо друго, подобро е вака, отколку само да ја врзеш позади.
Чувајте се.
Ј.