Добро, ајде од почеток: Априлска теорија

Не бил јануари месецот за „почнување“ и „нова јас“ и слични активности. Април бил.

Дури и најупорните „нова година-нов јас“ типови личи како уште да не стигнале до врвот на „она што можат да бидат“, а еве четврти месец тераме од 2025. Одговорот за ова лежи во институтот за научни истражувања наречен ТикТок и тука имаат теорија што ја викаат „Теорија на април“, и според неа, „еве кај и да е“ ќе ви тргне.

„Научниците“ од ТикТок објаснуваат дека април не е само уште еден месец во кој плаќаш кирија, го шеташ кучето и одиш по кафиња - според овој ќош во светот на социјалните мрежи, април е официјално новиот месец за трансформација, нови почетоци и неочекувани пресврти. Некои креатори на содржини тврдат дека токму април е месецот кога животот ќе почне да ви се менува.

Изборот на месецот не е случаен - Грегоријанскиот календар вели дека 1-ви јануари е почетокот на годината, но „астролошката нова година“ почнува со почетокот на сезоната на зодијачки овен, а ова е на крај на март.

Или тоа, или едноставно, со потопли денови е полесно да се работи, а вложениот напор од тоа малкуто енергија за „нови почетоци“ во јануари конечно дава некаков резултат.

Како и да е, еве ви уште еден изговор зошто уште не сте почнати.

Може е до април.

7 април 2025 - 09:27