Ви звучи познато?

„Дипломата ми е безвредна и не можам да заработам доволно”

Не, не е за Македонци. The Cut има своја „Драга Савета” и на нејзе ѝ пишуваат. Баш ова.

Драга Money Mom,

Заглавена сум со бескорисна диплома, околу 90.000 долари студентски долг и работа што не води никаде.

Мислев дека сакам да предавам англиски во средно, па студирав англиски. На пола програма, сфатив дека предавањето не е за мене, па завршив со студии, но не ја земав дипломата. Сега, не можам да предавам и немам поим што сакам да правам, точка.

Последниве пет години работам кај мене на факултет. Моментално сум координатор за уписи, што е всушност асистент за планирање на настани со нафуран опис на работно место и без простор за напредување. Сакам да продолжам понатаму, но се грижам дека ако го напуштам универзитетот, нема да се квалификувам за простување на студентскиот долг. Работните места кај мене тешко ги добиваат аутсајдери, и ми делува глупо да се откажам. Сум била на нетворкинг настани, се обидов со советување за кариера и се пријавив за други работни места во школото, но немам никакви понуди. Мислам дека сум способна за повеќе, но не знам од каде да почнам.

Имам 30 години, мажена сум и имам куќа што бара милион поправки што не можеме да си ги дозволиме. Јас покривам поголем дел од хипотеката, што е повеќе од 30 проценти од мојот приход (заработувам нешто помалку од 50.000 долари, а маж ми околу 28.000 годишно). Генерално, се чувствувам како да се давам.

Инстинктите ми велат да земам некаква диплома, но тоа финансиски не сум способна да го направам. Ако не можам да земам друга диплома или да работам нешто друго, како да го добијам тоа искуство што ќе ми даде нов правец? И како да сфатам што да правам воопшто?

-Заглавена

Драга Заглавена,

Како колешка со диплома од англиски, сум го слушала тоа „Ааа, сигурно сакаш да бидеш наставничка” со години. Но не станав и не стана ни мојата цимерка, исто така моја колешка. Не станаа ни многу луѓе од нашите семинари по книжевност. Сега таа цимерка е директор за маркетинг, а нашите колеги имаат секакви кариери (издаваштво, право, банкарство, што сакаш). Поентата е што, дури и дипломите да не ти одговараат сосема со твојата определба за иднината, тие не се затворска казна. Делува како да си уште позаглавена поради чувството на вина заради твојата неодлучност отколку долгот што ти е натнат. Седиш во сенката на твоите поранешни животни планови (и сè уште плаќаш за нив), но тоа не е кафез. Имаш многу повеќе слобода отколку што мислиш.

На хартија, ти си нешто што многу луѓе сакаат да бидат до 30 години: добро образована млада личност, со куќа, партнер и пристојна рбота. Но да се оддржува тој пријатен портрет изгледа како многу неблагодарна работа, и може да е причината што си толку исфрустрирана. „Често мислиме дека ако ги штиклираме сите потребни квадратчиња, кариерата ќе ни се одмота како што сакаме – дипломирај, работи вредно и ќе си дојде твоето – а тоа не е вистина повеќе како што било за претходните генерации,” вели Аманда Стајнберг, основачката на Дејли Ворт и авторка на „Вреди: Твој живот, твои пари, твои услови”. Може да биде многу тешко да се прифати дека животот што си очекувал да го изградиш не се совпаѓа со тешките бројки.”

Да се закачиш за нешто што го познаваш е моќен, тврдоглав инстинкт. Луѓето имаат и тенденција да се држат до тоа во кое што инвестирале (во твојов случај школото и домот), дури и кога добивките (стабилност, простување на студентскиот долг) веќе не се вредни за компромисот (повисока плата, напредување во кариерата). Овој феномен во бихејвиористичката економија е познат како the sunk-cost fallacy; често оди рака под рака со неговиот парализирачки колега – индиферентноста кон статус кво – што е всушност токму тоа што мислиш дека е: инерција. Ниедно не придонесува кон растот за кој што толку очајуваш.

Прво, да видиме што се може околу твојот финансиски товар. „Што и да ти го тргне финансискиот притисок од грб во моментов ќе направи да се чувствуваш помалку заглавен,” вели Бери Теслер, финансиски терапевт. „Знам дека не сакаш да чуеш, но повеќето финансиски советници би предложиле да размислиш да ја продадеш куќата. Лично, јас бев под кирија до 40-годишна возраст. Стигнав до длабок личен долг два пати минатава деценија – еднаш поради даноци, а неоадмна поради разводот – и понекогаш добрите решенија се неудобни. Откажуваш летен одмор што си мислел дека не може да се откаже. Продаваш куќа што ја сакаш и се селиш на поевтина локација. Смислуваш нешто да поработиш и да, ти ги исполнува ноќите и викендите и те истоштува, но не трае вечно. Финансиското ослободување е многу појако чувство од „имање куќа” што всушност те осиромашило.”

А за „чепкање нешто”, време е да ја разработиш фантазијата, особено ако оваа работа ти делува како ќорсокак. Теслер вика: „Во моите доцни 20-ти, заработував 11 долари на саат како социјален работник и заглавив со студентски заеми. Ја започнав кариерата мислејќи дека сакам само да им помогнам на луѓето, но тогаш сфатив дека не е доволно. Па се запрашав: што друго можам да правам? На кои други начини можам да ги искористам моите вештини за да заработам?” Направила список од 10 луди идеи, од кои една била сметководство – досадно, да, но сепак е нешто. „Бев загрижена што ја оставав психотерапијата зад себе, но наскоро, тоа знаење си дојде на ред. Не почнав со јасна слика дека еден ден ќе можам да ги спојам овие две работи и да креирам методологија што носи многу повеќе пари. Само требаше да се научам да размислувам надвор од кутијата.”

Според тоа, почекај малку со таа нова диплома, додека не сфатиш што би сакала да работиш следно (и може ќе сфатиш дека не ти е потребно ново школо). „Чувството дека не си квалификуван за работа во одредено поле додека не се школуваш за тоа може да е форма на синдром на натрапник,” вели Стајнберг. „Можеш подоцна да земеш диплома, ако има потреба, но сега за сега само брчни се во водата.”

„Додека сме кај тоа, престани да ја сметаш дипломата за безвредна,” додава Теслер. „Може да ти се чини така сега, но ќе видиш за пет, десет, па дури и петнаесет години дека тоа знаење и обучување ќе го искористиш за она што ќе го правиш следно. Стекнатите вештини се користат на други места.”

Што се однесува до простувањето на долгот: тоа е супер зделка, особено ако си веќе пет години во рамки на таа програма. Но ако мислиш дека те држи во место, не се оградувај од други опции. Знам како е да работиш и да се чувствуваш неценето – загушувачки е. Но наместо да ја маваш главата од ѕидовите на факултетот, зошто не ја искористиш таа стабилност (и монотонија) на работата и таа ментална енергија да видиш што друго има? Нема идеја што е премногу чудна или премногу случајна – размисли за што те бива. Што ти оди лесно? Која вештина не ја забележуваш затоа што е толку очигледна и вродена? Ова е твојата супер-моќ и ќе биде она што те истакнува, не само штиклирање на вистинските квадратчиња или стекнување вистинска диплома.

И на крај, биди детална со бројките. Колку сакаш да заработиш, или ти требаат за да го живееш животот што го замислуваш? Многу си јасна во однос на тоа дека заработуваш помалку отколку што треба, но гледам дека луѓето често почнуваат од погрешната страна на равенката. Прашањето е: Колку пари сакаш и треба да заработуваш? Многу луѓе не знаат, но вреди да се смисли бројка што сакаш да ја видиш за пет години, па да ги истражиш опциите што би те донеле до таму.

Ова малку се поклопува со модерното „работи го тоа што го сакаш и парите сами ќе дојдат”, но тие максими се малку нереални, па дури и родово ограниечни. Жените ги учат многу почесто од мажите дека нивната работа треба да се базира на пасијата и тоа става многу ограничувања на одлуките. Никој не им вика на мажите „да си го следат срцето.” Сакаш да си ја сакаш работата, но не можеш да очекуваш да ти обезбеди радост. Побалансиран пристап би било да откриеш што сакаш да правиш, да ти текне колку пари сакаш и тие две работи да ги споиш во кариера што ти одговара. Ова е долгорочна равенка што се решава постепено.

Она што ти фали е чувство на контрола, што е во ред. Психолошки истражувања покажуваат дека тие кои веруваат дека нивните дејства ги одредуваат нивните награди, имаат тенденција за подобри резултати во школо и работни места кои подобро се плаќаат. Но сепак, австралискиот психолог Џејмс Т. Нил ги предупредува луѓето со оваа тенденција „да имаат реалистична смисла за нивниот круг на влијание за да искусат успех.” Во моментов, твојот круг на влијание е една аморфна маса од сметки и обврски која те голта цела. Одново оформи го тој круг и ќе почнеш да наоѓаш места што ќе ти бидат како дома.

26 декември 2017 - 12:18