Дали „светилник-родителство“ е одговор на сите проблеми?

Сте чуле сигурно за хеликоптер-родителство (кога нонстоп го облетуваш и му ги решаваш проблемите), за нежно родителство (кога му дозволуваш да искаже емоции со тоа што му даваш да се дере и да крши по маркети), ама што значи светилник-родителство?

Се работи за некоја златна средина меѓу родители од наше време - што те пуштаат на улица и не знаат кај си, или не се замараат ако јадеш земја и хеликоптер-родители. Доаѓа од идејата дека можеби на децата им треба слобода, ама не бескрајна, односно, како што кажува и името, биди им на децата светло што ќе ги води и немој сè да правиш наместо нив.

На пример, замислете дека детето сака до доцна да гледа телевизија. Хеликоптерот ќе нареди веднаш да си легне. Светилникот ќе постави прашања (Како ќе станеш утре?) па ќе понуди решение (Ајде остани до првото зевање, па тогаш ќе одиш во кревет.)

Не дека е ова измислување топла вода - називот е нов, но овој стил на воспитување и чување постои со векови наназад и за многумина просто влегува во категорија - здрав разум.

Сепак, како етикета може да биде корисно и да помогне да се постават здрави цели во однос на чувањето деца. Добро е затоа што се залага за автономија на детето, ги балансира и него и родителот и учи на комуникациски вештини.

Има некои недостатоци, како и во секоја одлука за тип на родителство. Може да не функционира во секоја куќа бидејќи делумно зависи од темпераментот на детето и родителот, а бара и одредена конзистентност што понекогаш е тешко да се постигне. Во секундата кога ќе престанеш да се трудиш, пристапот е веќе непостојан и тоа може да создаде потешкотии.

Светилник-родителството бара многу комуникација, главно затоа што границите се малку нејасни во овој случај. Што значи, ако му давате на детето шеќер за викенди, но не и преку недела, или ако благото ви е награда кога ќе напише домашно, тогаш овие правила треба јасно да се истакнат.

Главната поента е да се познавате доволно себеси, детето и инстинктите што ги имате.

Петте начела:

  • Поврзи се пред да караш
  • Јасно комуницирање на границите
  • Спремност да се објаснуваш
  • Постои време и место за сѐ
  • Детето само нека учи кога не си присутен/на
13 февруари 2025 - 10:02