Ова е поп-психолошки термин и тема на ТикТок, а се појави во последниве неколку години - токсична продуктивност се дефинира од прилика како штетна фиксација на достигнувања и активност што води до помала животна сатисфакција, не поголема. Се случува во кариерата, семејниот живот, па и во друштво.
Нездравата опсесија со продуктивност води до прегореност, стрес и слабеење на менталното здравје. Приоритет е постојана работа или извршување задачи, без да се земе предвид негативниот ефект.
Сега, прашањата:
Дали грижата за себе ми е приоритет?
Проценете дали си давате доволно време за себе и за релаксација. Дали го занемарувате физичкото и менталното здравје поради работата и продуктивноста?
Дали имам добар сооднос работа-опуштање, или чувствувам вина кога се одморам?
Размислете колку добро балансирате работни обврски со личен живот. Дали постојано го жртвувате личното време за работа, што ве води до прегореност и премор? Пробајте да се одморите и да правите паузи. Чувствувате ли вина и анксиозност кога правите паузи? Мислите ли дека треба постојано да работите?
Дали се дефинирам себеси според мојата продуктивност?
Размислете дали вредноста за себе е тесно врзана со нивоата на продуктивност. Дали се чувствувате неадекватно кога не сте постојано зафатени со некакви задачи што ги имате на список?
Токсичната продуктивност не е врзана со полот, но можно е жените да чувствуваат поголеми притисоци, поради начинот на кој функционира општеството.
Ако сте токсично-продуктивни, тогаш лекот е грижа за себе. Во дневната рутина треба да внесете нешто што ви е фино, макар и сосила. Ова може да е било што што ве релаксира, или едноставно ви ги исполнува потребите. Можеби е дружење со луѓе, одење на одмор, купка, шетање, медитација, вежбање, јадење, читање, готвење… Нешта што се навидум вообичаени, а се од изненадувачки голема помош.
Ако сепак ве фаќа чувство на вина, запрете и препознајте го. Препознајте дека коренот на таа вина доаѓа од недостаток. А ако ви е премногу одеднаш да воведете нега и грижа за себе, пробајте постепено, со мини-дела, за подоцна да станат одржлива рутина со која лесно ќе се справувате.