
Њујоршката модна недела почна во раните ’90-ти, и тогаш беше од непроценлива вредност за дизајнерите кои ги прикажуваа своите колекции и пред уредниците и пред купувачите кои тоа го носеа на хартија и по продавници. Но деновиве, потрошувачите немаат баш трпение да чекаат со месеци да купат нешто од омилениот дизајнер. Брендовите за брза мода како H&M и Зара до степен на уметност го доведоа крадењето на најатрактивните креации, способни за само неколку недели да ги донесат до закачалка во сите броеви. Плус, Fashion Week кошта. Дури и со партнер како IMG, кој помага да ги смалиш трошоците, получасовна ревија може да чини од 100.000 долари па нагоре. Дали навистина вреди?
Некои дизајнери веќе одговараат со „Не.” Како што моделот „види-купи” пушта корења, дизајнерите почнуваат да ги менуваат традиционалните ревии со „забава за лансирање” на новите производи. А со нескротливата желба за нови производи на потрошувачите, ревиите не мора да ги има два пати годишно. Сè повеќе дизајнери прават помали капсули и ги пуштаат во текот на годината неколку пати.
Мислењата се поделени. Од Fast Company разговарале со Ребека Минкоф и Ана Суи кои имаат комплетно различен пристап:
Суи има долга кариера во американската мода, првата ревија ѝ е во 1991, и од тогаш не е мрдната од календарот. Нејзините ревии се како театарски перформанс и едни од најпопуларните на Fashion Week.
Минкоф, успешна, „миленијална” дизајнерка, почнува во 2009-та, но во последниве три години го дотерува моделот: Експериментира со различен пристап како на пример живи настапи на улица пред нејзината продавница, или го преместува настанот во Лос Анџелес, на пример. И нејзиниот производ е достапен веднаш после шоуто.

АРГУМЕНТ ЗА МОДНАТА НЕДЕЛА – АНА СУИ:
Тоа што имам да го покажам, најдобро можам да го покажам со претстава. Секој дизајнер е различен. Јас знам со шоу. Сакам да ја пренесам мојата публика и да ја однесам на патување, Мислам дека заради ова луѓето секогаш се интересираат за мојата визија. Никогаш не им е само до некој убав фустан. Многу е поголемо од тоа. Има раскажување приказна: темата може да биде рок ѕвезди, или Американа, или андрогинија. Но сè поминува низ мојот мозок, па се чувствува вкусот на Ана Суи. Обожавам да правам кастинг за ревија. Ме знаат по музиката. Ме има во секој дел од целиот перформанс.
Еден посебен вид креативна енергија влегува во подготовките за модната недела. Еден месец пред ревијата работам седум дена неделно. Имам инсомнија што трае цел тој месец и станувам во 2, 3, 4 сабајле и скицирам на некој коверт. Може да шетам по улица и да видам нешто што ме инспирира, па да истрчам до најблиската банка за да најдам ливче и да цртам.
Но не е само до неверојатниот перформанс: и од бизнис аспект има смисла. Мислам дека ревијата е тоа што го генерира целиот интерес за мојот бренд, сосе козметиката и парфемите. Мислам дека тоа е тоа што ме направило успешна.
А сега со социјалните мрежи, можеш да видиш како фановите реагираат на ревиите. На Инстаграм сум неколку пати дневно и многу сакам да гледам што објавуваат другите луѓе. Откривме дека има луѓе што цртаат неверојатни работи инспирирани од тоа што го виделе на писта, или се фризури, или наочари што ги инспирирале. Многу сакам да ги гледам тие ствари, затоа што е знак дека работата ти стига многу подалеку отколку што си свесен.
Ама не живеам ни под камен. Работите се менуваат во индустријата и се обидуваме да го следиме тоа. Се модернизираме со користење на технологијата. Имаме онлајн продавница и таму се прави голем процент од продажбата. Имаме и многу работа преку WeChat (кинеска социјална мрежа). Го прифаќаме сето тоа, но јас сè уште сакам да правам ревии.

АРГУМЕНТ ПРОТИВ МОДНАТА НЕДЕЛА – РЕБЕКА МИНКОФ
Во моментов, модната индустрија е на исто рамниште како музичката, кога прв пат се појави Напстер во 2008 и музичката индустрија експлодираше. Во модата, има дизајнери што си ја бркаат својата работа, со растурање што ќе стигнат. Потоа, имаш и одредена носталгична група, што прашува зошто работите не се како порано.
Нашиот пристап не е победнички затоа што го следиме стадото, туку затоа што го слушаме нашиот потрошувач и одиме по свој пат.
Одлучивме да смениме брзина на Модната недела од неколку причини. Прво, видовме дека луѓето се уморни да го нештото гледаат кај стигнат, а да мораат да го чекаат 6 месеци. Па три недели после Модната недела сите Зари и Ејч-ен-емови ќе ги пуштат за четвртина цена. Кулминацијата на сето ова е дека ти конечно ги носиш твоите ствари во продавница, а на луѓето им се веќе дојдени преку глава.
Второ, се чувствува и кај луѓето што доаѓаат на ревија. Досадно им е до бесвест. Како да важи правилото дека Модната недела е досадна и нема ништо ново. Затоа решивме да ризикуваме и да одиме на „Види, купи, носи”. Првиот пат беше најтешко. Се обидувавме да ги откачиме старите навики. Но потоа дојдоа бројките од продажба. Првата сезона кога направивме вака, продажбата порасна за 211% од февруари до февруари. Следната сезона – 264%. Кога ги видовме, се договоривме дека ќе биде многу глупо да не се продолжи така. Не е толку тешко. Од секакви причини не функционира и за другите дизајнери, но нас ни е сосема добро. И како додаток, затоа што правиме нешто поинакво, успеваме да останеме на сцена.
Цената е друга работа за разгледување. Традицоналните шоу-а на Њујоршката модна недела се екстремно скапи, особено за млади дизајнери. Нашите чинат само дел од сумата, а често нè покриваат брендови како Амекс и ни помагаат да можеме да си го дозволиме.
Како што ќе се движиме напред, ќе си го задржиме пристапот „Види, купи, носи”, но искуството ќе се менува секоја сезона. Може ќе го направиме на улица во Њујорк кај нас пред продавница, го носевме и во Лос Анџелес. Оваа година ќе биде драматично поинакво шоу. Си играме со моделот и тестираме поинакви начини да ги возбудиме нашите клиенти, а на крајот од денот, тие ќе видат нешто што им се допаѓа и ќе можат веднаш да го имаат.