- Судскиот совет денеска експресно му го одзеде имунитетот на судијата од Апелациониот суд Скопје Ѓоко Ристов, по што судија на претходна постапка од Кривичниот суд му одреди куќен притвор.
- За Ристов, кому во неделата дома му најдоа соѕидани во дупка од ѕид 350.000 евра, непријавени и со неоправдано потекло, обвинителката не ни барала ефективен, туку куќен притвор.
- При претрес во домот на неговите родители во Неготино, во кујнската просторија била забележана сомнителна корекција на ѕидните плочки. При отстранување на една ѕидна керамичка плочка, се појавила дупката во која се наоѓале парите.
- Неговиот адвокат вели дека и во записник стои дека родителите признале дека тоа не се негови туку нивни пари.
- Испораките на сурова нафта преку Ормускиот проток во изминатата недела се приближија речиси до нивото пред војната на САД со Иран. Разликата е што американската поморска блокада не дозволува транспорт на иранска нафта.
- Според податоци на Kpler, седумдневниот просек на транзит во понеделникот достигнал 13,5 милиони барели на ден, колку што бил и во февруари од земјите од Персискиот залив, без Иран.
- Извозот на Саудиска Арабија од 6,4 милиони барели на ден го надминал просекот од 5,4 милиони барели во 2025 година. Дел од својата нафта Саудијците извезуваат и преку Црвено Море.
- Сепак, глобалната криза со гориво продолжува бидејќи протокот на рафинирани нафтени производи е 677.000 барели на ден, за разлика од 3,6 милиони барели пред да почне војната.
- Русија и Кина објавија забрана за извоз на дизел. Со забрана за извоз се закани и американскиот претседател Трамп, кој ги притиска европските земји да почнат да ги користат своите стратешки резерви на гориво за да ги спуштат цените на бензинските пумпи.