Дали маслиново масло е навистина добро за кожата?

Одамна се провлекува како препорака, но благодарение на Џеј Ло, повторно се враќа во јавна дискусија. Според нејзе, маслиновото масло е главниот херој на нејзината линија за нега на кожа.

Значи, маслиново на кожа не е некој револуционерен концепт - со години влегува во колекции козметика, а и во „направи сам“ совети и препораки. Сепак, пред да се нашлапаме од глава до пети, да разгледаме подетално.

Кои се придобивките?

Има антиоксиданси и анти-воспалителни својства, но негативните детали може да тежат повеќе: излегува дека е можно да е не е најдобар избор за хидратација. Има висок процент на масни киселини - олеична и линолеична, од кои втората е основна за кожата. Таквите нашата кожа не може сама да ги произведе, но повеќето луѓе ги добиваат преку исхрана. Првата, сепак, упростено кажано - дозволува водата да избега и со тоа ризикуваме повеќе дехидрирање. Има мали истражувања што покажуваат дека може да ѝ наштети на бариерата на кожата и да не е баш најпрепорачлив избор, кога веќе постојат средства со глицерин, хијалуронска киселина и диметикон, кој далеку подобро влијаат на кожата.

Патем, маслиновото масло е комедогено, што значи дека може да ги затвори порите, а знаете што се случува кога ќе затнете пори. Знае да предизвика и првут.

Доколку го вметнете во вашта рутина, може да не се согласува со другите активни состојки, но експертите велат дека поради неговите својства, не може да се знае ова со сигурност.

Значи?

Дерматолозите се согласуваат дека сѐ уште ни требаат истражувања на ефектите, но во меѓувреме, има подобри начини да се хидрира кожата. Во мали количини, маслиновото масло не е опасно, и ако правите маски со него, по секоја цена направете двојно чистење потоа. И нека биде поретко.

21 декември 2020 - 11:40