Дали Инстаграм-терапија функционира?

Неодамна, во Тајмс излезе статија за подемот на нешто што се вика „Инстаграм-психијатри”. Ова е растечка група инфлуенсери кои преку социјални мрежи дискутираат ментално здравје, а кешираат на т.н. „терапевтска генерација” - сегмент од популацијата што се поклопува со „генерацијата од социјалните мрежи.”

Трансформираат навидум површни медиуми како Инстаграм во терапевтска алатка за емоционален развој, земајќи нешто што традиционално е резервирано за оние свети соби за терапија и носејќи го во една многу јавна сфера - и тоа бесплатно.

Андреа Глик, психотерапевт од Њујорк со јавен профил на Инстаграм во еден момент сфатила дека има пристап до извори кои не треба да им бидат достапни исклучиво на оние кои можат да си дозволат терапија.

„Споделив некои листи за препознавање на семејно насилство на мојот приватен Инстаграм и добив неколку пораки со благодарност дека помогнале многу,” изјавува таа за Man Repeller. „Тогаш сфатив дека ова не треба да го знаат само привилегирани. Ова се нешта од витална важност за нашите животи и тела.”

Колку повеќе објавувала, толку повеќе фидбек добивала. „Се поврзав со многу луѓе што не можат да си дозволат терапија, а преку моите постови почнале да процесираат нешто или да се разбираат себеси,” вели таа. „Исто така често постирам за сексуалност и квир-лица и луѓе ми праќаат пораки да ми кажат дека не ни знаеле дека со терапевт можат да разговараат на тие теми, или дека се единствени што така се чувствувале. Многу од темите што ги покривам на Инстаграм се всушност нормализирање на човечките исксуства.”

Не е еден ваков акаунт, има многу, меѓу нив и @notesfromyourtherapist и @askdrjess. Нудат совети за ментално здравје и грижа за себе и секакви ресурси, од внимателно филтрирани селфиња, до комплексни дијаграми за тоа како нашиот невролошки систем реагира на траума. Ова е радикална промена за еден медиум креиран за пријатели да си споделуваат слики од последниот добар оброк. Многу од овие, сега веќе инфлуенсери ја имаат изградено целата платформа со ветување дека искрено ќе зборуваат за сопственото ментално здравје и ветуваат „вистинитост”, или барем вистинитост колку што ќе дозволи еден филтриран фид.

За Андреа е битно препознавањето дека за некои луѓе, нејзините постови се најблиску што би можеле да дојдат до традиционална терапија. Според тоа, таа се надева дека Инстаграм може да биде порта до многу подлабока врска со себеси. „Моите постови треба да им помогнат на луѓето да се чувствуваат помалку сами; треба да ги натера да мислат дека можат да зборуваат за себе поотворено и дека можат да бидат искрени за делови од нивните животи што биле долго време сокриени.”

Друга психо-инфлуенсерка (океј, никој не го употребува овој термин), Софија Ро се согласува и вели, „Само правам што можам за да креирам искрена дискусија за траума и лечење. Лечењето е грдо. Кога сте виделе рана што заздравува, а е убава за гледање? Немам некој розевкаст Инстаграм профил. Можам да се чувствувам добро во сопствената кожа единствено ако го споделувам мојот пат. Животната приказна ми е многу грда, но дали тоа значи дека не заслужувам да ми оди добро? Не, тоа е лудост.”

На крајот, има една дарежливост на духот во оваа работа - да обезбедуваш бесплатни ресурси и да споделуваш лична траума како начин на универзализирање и дестигматизирање на грижата за менталното здравје. И на некој начин, социјалните мрежи ги прават овие разговори полесни - има една удобна интимност кај медиум каде што можеш да се претставиш во најдобро светло, притоа криејќи се зад екран.

А додека стигмата околу менталното здравје да исчезне, а терапијата стане подостапна за луѓето од помалите средини или оние без здравствено осигурување, Инстаграм и не е лоша варијанта. Софија Ро ќе рече, „За луѓето што не можат да си дозволат традиционална терапија, би сакала да верувам дека Инстаграм е сигурно подобар отколку ништо.”

23 јули 2019 - 23:55