Дали ги имате надраснато пријателите?

Ако ви се чини дека ги надраснувате пријателите, или сте се нашле во ситуација да се оддалечите од некој што претходно ви бил скроз погоден, тогаш можно е да се менувате - цели, личен развој, зрелост и точно знаење што барате во некој што го нарекувате пријател.

Ова знае да биде и тажно, но сепак е сосема природно - дури може да биде и добро, долгорочно гледано. Повеќе знаци алудираат на ова, но ќе се задржиме на пет:

1. Конфликт на вредности

Пријателствата се базираат на сродни вредности кои е нормално да ни се променат во текот на животот. Почнуваат во школо, на улица и слично; затоа што живеете блиску, затоа што студирате на ист факултет, затоа што слушате иста музика додека сте тинејџери. Со зрелоста доаѓаат поинакви и подлабоки вредности, и во ред е да се дружиме со луѓе со кои не делиме исти ставови. Но, ако се работи за фундаментални разлики, тогаш се појавува желба за поминување време со нови луѓе, што размислуваат слично како нас.

2. Едноставно не поминувате време заедно

Кога ни се допаѓа некој, едноставно наоѓаме време за него и точка. А ако се фатите себеси како сѐ поретко наоѓате време за некого, може да се работи за знак на оддалеченост. Карактерите со текот на времето едноставно престануваат да бидат компатибилни.

3. Веќе не си кажувате сѐ како порано

Кога сте биле мали, сте паѓале во несвест околу ставот „сѐ си кажуваме“. Одеднаш сте пораснати и имате желба да зачувате нешто за себе. До тука е во ред, но ако се воздржувате да споделите нешто затоа што ќе наидете на осуда или неразбирање, тогаш тоа е знак дека компатибилноста не е каде што била порано.

4. Работите веќе не ви одат природно

Она што нѐ врзува со пријателите е природниот тек на разговорот и удобноста во нивно присуство. Кога се разидуваме, атмосферата станува повештачка, а разговорите тешки, напорни или едноставно празни. Во таков момент, можеби треба да се отвориме кон пријателства со некој што повеќе ни одговара. Да можеш да седиш во тишина со некој без тензија, а после тоа уста да не затвориш и тоа да не биде досадно е бесценето.

И едно битно прашање:

5. Да ги сретневте денес, ќе се дружевте со нив?

Понекогаш вреди да се запраша човек дали се дружи со некого по инерција и од навика, или се работи за човек што отсекогаш и засекогаш ќе му одговара? Помислете какви сте биле пред 5 години - големи се шансите да сте комплетно нова личност после сѐ што ви се случило. Можеби имате поинакви цели, поинакви вредности, можеби сте еволуирале - и истото може да се случило и со пријателот. Понекогаш, единственото нешто што ги поврзува луѓето е нивното заедничко минато.

И уште еднаш: не секоја разлика во став и вредност е причина за разидување. Сепак, во некои случаи, како што често знаеме да бидеме сведоци со секоја одмината година, некои пријатели се добри пријатели за некоја претходна верзија од нас.

И тоа е сосема во ред.

3 март 2021 - 00:00