Неделна доза ентериер:

Да живееш како викторијански дуќанџија

Се продава шармантно парче лондонска историја, ама само ќе си го глеткаме.

Се наоѓа во срцето на Спиталфилдс Маркет, има три спални соби и дуќанче на приземјето со оригиналната фирма која ги рекламира услугите на шапкар со име А. Голд. Работело до 1892.

Просторот имал неколку намени низ вековите, за во 2000 да стане продавница за храна, а до неодамна пекара. Сега е слободно и чека нов сопственик на кој ете, случајно му се наоѓаат милиони.

Стојат оригиналните камини и ламперијата, а историјата на местото кажува дека А. Голд е всушност Ани Голд, еврејска емигрантка која со сопругот во Лондон дошла од источна Европа, заедно со десетиците илјади луѓе кои пристигнале во Спиталфилдс како бегалци.

Во 1800-те имало 65 независни мали бизниси на таа улица, меѓу нив и саатчија, крзнар, слаткар, продавница за сирење, за риби и едно погребално претпријатие.

Цената на оваа викторијанска носталгија е очекувано права ситница - 2.300.000 фунти.

Ви рековме дека само ќе си глеткаме.

извор

13 декември 2020 - 23:05