Да умреш од убавина

Идеалната жена во 19 век има бледа, речиси провидна кожа, заруменети образи, црвени усни, бели заби и блескави очи. Слаба е и има елегантна клучна коска. Може и да е склона кон онесвестување. Погодете зошто.

Во 19-от век, во Британија жените почнуваат да се трудат да постигнат физичка фрагилност, затоа што асоцирала на интелигенција и рафинираност. Зацрвенетите образи, блескавите очи и црвените усни биле отсекогаш популарни, особено меѓу сексуални работнички (асоцирале на сексуална возбуденост) и жените користеле козметика како беладона и шпанска кожа со години за да ги постигнат тие ефекти ако не им се случувале природно.

Сјајни очи, црвени образи и црвени усни исто така се знаци на туберкулоза.

Во тоа време се случува и епидемијата на туберкулоза, која како и секоја епидемија не бира кого ќе закачи - но сепак, ја поврзувале со жени од високата класа. Атрактивните жени ги гледале како поподложни на болеста затоа што туберкулозата ги истакнувала нивните најубави карактеристики. Било забележано дека на болните кожата им станува побледа, косата посвиленкаста и слабееле (исто така и кашлале крв и им пропаѓале органите, но добро). Се лечеле со пијавици, исхрана, црвено вино и опиум.

Нормално, не страдале само жени. Идејата дека туберкулозата доаѓала со ментален напор - заедно со големиот број уметници и интелектуалци што ги изгубиле живототе поради неа - довела до асоцијација со поети. Џон Китс умрел од туберкулоза на 26. Неговиот пријател Перси Шели, исто така заразен, пишувал за Китс и се обидувал да ја објасни состојбата не како болест, туку како смрт поради страст. А уште еден бизарен симптом е spes phthisica - еуфорична состојба што може да доведе до интензивни напливи на креативност. Богатиот опус на Китс од последната година на неговиот живот е резултат на болеста и некои ја сметале за потребна за развивање на уметничкиот гениј.

Но, што правеле девојките што не биле болни? Стандардот бил тој, а треба да си луд да ја посакуваш болеста, па морале да се бараат решенија.

И нашле. Корсетите се стеснувале неприродно многу. Се користеле парчиња арсен за тенот, а го имало во сѐ, од боја до лекови. Јаделе мали парченца арсен редовно и со тоа добивале таков чист тен, бел како кај духови.

Престанувале да јадат. „Убавината“ кај болните се сметало дека доаѓа од изгладнувањето, па и здравите „се прочистувале“. Пример за појадок од тоа време: мало чинивче со јагоди и еден крекер. Ручек: половина портокал, никако цел. Вечера (во шест часот) рака цреши. Еднаш неделно ако многу ти се јаде стек или супа - јадеш.

Ставале и маска од катран и маслиново масло преку ноќ, за мека кожа на лицето. Бело олово било главна состојка за течна пудра со векови - предизвикувало проблеми со кожата и го имало и во бои и емајл.

Прав од лаванда (звучи добредојдено после сѐ што имаше погоре): Ако не успевало бледилото со арсен, се имитирало со прав во боја на лаванда - се ставал преку белото олово и добивале порцелански финиш на кожата. Цртале и вени со индиго.

Руж имало секаде, и често го правеле сами - со токсичен бизмут или екстракт од кохинеални инсекти, па го ставале на образите, усните, ушите, дури и на носот за остатокот да личи проѕирен.

Со амонијак миеле коса и се депилирале. Со беладона (која предизвикува слепило) постигнувале сјајни очи. Ако немало беладона си капеле лимон или други нешта што им ги иритирале очите до солзење. Веѓите, трепките и очите исто морале да бидат дефинирани.

Александар Дима (синот) во 1852 има напишано:

„Модерно беше да се страда од белите дробови; сите беа туберкулозни, поетите особено; се сметаше за пристојност да искашлаш крв после било каква сензационална емоција и да умреш пред да наполниш 30.“

Поради асоцијацијата на млади жени и поети, болеста почнала да претставува убавина, романтична страст и хиперсексуалност. Ја сметале за гламурозна, твореле за неа. Затоа и се останати толку многу слики од млади жени како венеат на смртна постела во екот на нивната убавина.

26 септември 2023 - 10:41