Да е жива и здрава Марија Брањас Морера

Официјално е најстарата личност на светот со 117 години, 112 дена и тоа од 17 јануари лани, кога почина претходната најстара личност на светот, Лусил Рандон.

Ни стрес, ни живот ја нема уназадено Марија Брањас - родена е во 1907 (!!!) во Сан Франциско, каде што се преселило нејзиното семејство од Каталонија.

По некое време се тргнале назад, затоа што на татко ѝ му се влошувало здравјето, но не стигнал до дома - умрел од туберкулоза на бродот. На истото патување, Марија паднала на подолната палуба играјќи си со браќата и се повредила.

Еве ја на 4-годишна возраст, годината е 1911:

Во 1931, се мажи за трауматологот Жоан Морет, со кој добива три деца и со него работи по болници за време на Шпанската граѓанска војна. Ова во случај некој да помисли дека водела живот без стресови и природни сокови. Кога сме кај стресот, најстариот син ѝ починал во несреќа со трактор на 86 (ОСУМДЕСЕТ И ШЕСТ, значи уште ќе живеел), а сопругот го губи во 1976.

По неговата смрт, патувала во Египет, Италија, Холандија и Англија, почнала да се бави со музика, шиење и читање. Во 2000, на 93-годишна возраст, се преселила во дом за стари лица во Олот, Каталонија, откако закачила пневмонија. Таму се движела и се трудела да има физички активности додека не ѝ се отежнало движењето. На пијано свирела до 108 и сега користи платформа глас-во-текст затоа што не слуша.

Во март 2020 станува тогаш најстар човек што се опоравува од КОВИД и го искористува тоа за да даде изјава дека старците не добиваат доволно добри третмани.

Од 2023 е предмет на научно истражување бидејќи е во добро здравје и со непипната меморија на тие години што ги има.

Еве ја тука, помлада:

Да е жива и здрава, ама најозбилно.

24 јуни 2024 - 11:46