Додека зборев на телефон, светските медиуми објавиле дека умрел Карл Лагерфелд, после две недели лошо здравје, во Париз, на 85 години.
Со уште еден повик после тоа, свечено бев известена со „ти рикна Лагерфелд.” Во време кога ти се чини дека секоја недела умира по еден великан, можеш ли богзнае колку да се изненадиш и да се потресеш, без разлика колку ти влијае нечија естетика за живеење?
Не баш. А сепак, имаш неколку вакви, што не ги познаваш, живееш во исто време со нив, работата им ја следиш со години, а некое нивно парче ти се провлекува во секојдневието (филм, книга, ташна…) и си викаш „ај нека не умира одма.” Веројатно од страв дека кога ќе умре, никогаш веќе нема да создава, па ти се чини дека светот засекогаш ќе биде осиромашен за едно нешто што нема да се повтори.
Ќе има милион дизајнери, многу од нив ќе го делат неговото чувство за убавина, многу од нив ќе бидат и подобри од него, ама ниеден нема да биде Лагерфелд.
По 30 години работење како креативен директор на Шанел, каде што влегол десет години по смртта на Коко и го нашол во ужасно глупа состојба, и неброени модни спектакли, на последните неколку ревии не се појави - замоли друг да излезе во негово име. Во тој момент, си викаш: „А бе ај, ваљда заби прави, и нејќе да се појави језив, не умираат овие така лесно,” без разлика што е малку мрачен фактот што прв пат се случува да пропушти сопствено шоу.
„Јас сум како еден моден нимфоман што никогаш не стига до оргазам.”
Во Париз се сели како тинејџер, а во 1954-та добива отскочна даска - црта волнен капут што добива награда и заради него станува чирак кај Пјер Балман. Сан Лоран кој ја добива наградата за фустан му станува опасна конкуренција и за работа и за приватен живот, со оглед на тоа што во исто време го бркаат Жак де Баше. Од тогаш, Сан Лоран до својата смрт во 2008-ма е миленик на високото друштво, а Лагерфелд се движи по друга патека, каде што природно му се лепат помлади и по-edgy луѓе.
Првата дизајнерска ташна што си ја купив сама е K/KLASSIK TOTE на Лагерфелд. Баш со таа ми допре длабоко во основата на моето чувство за естетика, долги години култивирано од мајка ми, па подоцна пуштено да се оформува само со прегледани милион (пре)скапи и износени уште милион евтини и полуевтини ташни. Црна, голема, со остри рабови и агли, доволно цврста да издржи 15 книги од саем во Белград и доволно елегантна да се чувствуваш дотерано и кога си во патики и пижами што се трудиш да ти поминат како панталони. На саем, додека ја мкнев полна со Дилан Дог стрипови што ми фалеа, книги за поклон, книги за мене и лаптоп, без да пукне ниедно конче на неа, сто пати повторив „Да е жив и здрав Карл за ташнава, цел свет го собра,” ама не било доволно.
„Јас сум како карикатура на самиот себе и ми се допаѓа тоа. Како маска е. И за мене, Венецијанскиот карневал трае цела година.”
Непријатен, каприциозен и арогантен. И истовремено посветен татко на маче што патува со приватни летови, а за блиските дарежлив, добар, мудар и комичен, што многу зборува за таа карневалска маска во јавноста.
После тоа горчливо чувство на разочараност дека брендот Лагерфелд ќе живее, ама од него лично нема да видиме ново, останува неочекувано чувство на благодарност, и кон него и кон сите големи како него.
Лагерфелд е сошиен со црн конец на светската модна мапа, и заради тоа, неговиот естетски универзум, како и Класикот, никогаш нема да се растури.
Чао, Карл.
Јана
Off Café