Карл Лагерфелд и генијалниот маркетинг за детска колекција

Карл Лагерфелд е сериозен и монохроматски од надвор и има еден куп бои од внатре. Веројатно тоа од внатре не му дозволило само „да ја наметне” неговата детска колекција на тие што треба да ја носат, или да дозволи родителите збеснати по неговите креации да си ги облекуваат децата, без децата да знаат колку е тоа значајно. И затоа ја имаме: Најубавата модна бајка на светот.

Лагерфелд многу романтично гледа на неговата прва средба со модата како кариера, и не прифаќа ништо помалку за вашето дете. На Вог ова им е јасно, па пуштаат серија модни бајки, со протагонисти како него, Армани и Пол Смит. 

Не можеш туку така да се облечеш - мораш да разбереш колку е тоа важно и по можност - уште од претшколска возраст. Читајте на деца и земајте кредит:

„Детето во центарот на приказната – малиот Карл Лагерфелд имало толку моќен и импресивен талент, што го маѓепсало начинот на кој се облекуваме и ни ја променило гардеробата засекогаш.

Еднаш, многу одамна, во едно далечно село, далеку од шик улиците на Париз, живеело едно дете со своето семејство. Животот во северна Германија не бил многу гламурозен. Имало помалку шиење, а повеќе крави.

Но, кој вели дека кравите не се убави? Сигурно не херојот на оваа модерна приказна. Карл ги засакал црно-белите крави што го имало насекаде околу него, а една му била особено драга – Текла.

Сепак, како што растел, Карл поминувал сè помалку и помалку време со неговите тревопасни пријатели. Неговите родители биле многу, многу паметни и очекувале тој да биде баш како нив. Наскоро станал многу начитан млад човек, и поминувал многу време во читање, пишување и цртање. Секој ден оттогаш, мајка му на Карл инсистирала тој да учи по една страна од речникот напамет.

До сега, сигурно веќе се прашувате како Карл ја засакал модата, ако секогаш бил нурнат во книга? Сè започнало кога ја придружувал неговата строга, шик мајка на ревија. Во моментот кога Карл ја видел првата манекенка на пистата, се склопиле сите коцки. Светнала магијата во него и тој сфатил дека модата може да биде кариера. Карл продолжил да чита книги и да проучува списанија со илустрации – што му помогнало многу за неговите идни креации.

Кога се вратил во селото, Карл знаел дека завршило времето на дружење со крави. Наскоро пристигнал во Париз, да бара слава и мода, и да ја пушти на слобода неговата креативност во гардероберите на најмодерните жени во Европа. За кратко време, Карл победил на натпревар за најдобро дизајниран капут во цел Париз и луѓето го забележале тоа.

Пјер Балмен – кој веќе бил славен дизајнер – го земал Карл за асистент.

Иако бил многу млад, Карл го напуштил Балмен и си ги остварил сите свои желби – станал најмладиот директор на дизајн во францускиот бренд – Жан Пато – правејќи си пат до уште повеќе успеси во иднина.

И наскоро, малото дете од Германија станува еден од најславените дизајнери во целиот свет, и жените од целата планета едвај чекаат да ги носат неговите креации. За неколку години, Карл води големи модни куќи како Клое, Фенди, Шанел и неговиот сопствен бренд – Карл Лагерфелд. Но, тој забележал дека иако жените можат да се облекуваат во неговите креации, за помладите генерации не било толку лесно. Ставајќи крај на ова, сега облеката на Карл можат да ја носат сите! Ако отворите плакар денес, дали имате парче Карл Лагерфелд историја?”

И на крајот на приказната, мудро стои линк до онлајн продавница за детската колекција на Лагерфелд.

А ако му го прочиташ ова на детето, како очекуваш да не се вљуби во идејата?

19 декември 2017 - 11:12