Ботега Венета има нов креативен директор

После неочекуваното напуштање на доскорешниот, Даниел Ли, и помалку од месец дена по голема ревија во Детроит, компанијата објави дека ќе го унапреди Метју Блази на позицијата креативен директор, „од одма“.

Блази има 37 години, живее во Милано и Антверпен, се движи зад кулисите на модната индустрија со години и долго го сметаат за ѕвезда во подем. Работел на занаетчиската кутур колекција и на женското ready-to-wear во Мезон Марџела кога Сузи Менкес, колумнистка на меѓународното издание на Њујорк Тајмс го „демаскира“, без разлика на куќната политика за анонимност. Оттогаш, инсајдерите го следат од улога до улога: од Марџела, до Селин, каде што има работено со Фиби Фило, до Њујорк каде што се има преселено за да работи на Келвин Клајн на Раф Симонс. Излегува дека дечково влијаел на сите поважни колекции во последниве години, а допрва дознаваме за него.

А веројатно му се спремаат блескавости, со денешната тенденција на пиедестал да се воздигнуваат креативни директори, и тоа со право, со оглед на тоа колку влијаат на правците во кои ќе се движи индустријата и колку моќ имаат во раце.

Каде и да се отворале битни позиции, му се спомнувало името - дури имаше и гласини дека го разгледуваат како опција на врвот на Баленсијага, каде се нацрта Димна Васалија (колку ли различен свет ќе имавме со друг креативен директор на Баленсијага?!), и на Ермез.

„Уверен сум дека богатото искуство на Метју Блази и неговата широка културолошка позадина ќе му овозможат енергнично да ја изврши задачата да ја носи оставштината на Ботега Венета,“ вели во својата изјава претседателот и ЦЕО на Ботега Венета, Франсоа-Анри Пино.

Во сезоните што следат, гледајте кон Ботега Венета. Ако го мислеле за Баленсијага и за Ермез, којзнае за што сè е способен.

17 ноември 2021 - 01:08