На монологот му недостасува поетичноста од оригиналот, а и умешноста на Синтија Никсон, иако на тоа не мораме да замериме. Годините задоеност за тоа како се очекува да се однесуваат жени, а како мажи, дури може и да предизвикаат да се нарече - машка верзија. Сепак, овој пат - не делиме на машко-женско. Делиме на професионално изработено и домашна продукција. И како таква, вторава воопшто не е за фрлање.
Пропуштена е епска шанса насловот да биде „Биди маж!“ наместо „Биди господин“. Затоа што токму „биди маж“ е проблематичната наредба што со себе носи толку конфузни, незадоволни и неостварени мажи, или пак мажи кои така се чувствуваат без разлика што реалноста нема врска со тоа. „Биди господин“ едноставно го нема тој непријатен призвук на „Биди дама“. „Биди господин“ личи како обраќање за цепаница од човек. „Биди дама“ се всадило како за девојчиња, девојки, жени што едноставно - се опуштиле.
Жените го јаделе стапот, историски, точно, многу повеќе и почесто од мажите. И ако работиме на тоа жените од мали нозе да сфатат дека се способни, моќни, паметни, убави, вредни, мудри и доволни, зошто го правиме тоа на сметка на воспитувањето на машките деца?
На нив им се вика не плачи, биди храбар, не покажувај чувства, биди џентлмен, отвори ѝ врата - не, чекај, таа сама може да си отвори врата, изведи ја на вечера, плати ја сметката - како така ја плаќаш сметката, кај ти е феминизмот? Не плачи, само девојчиња плачат, биди згоден, види се, имаш цицки, вежбај, грижи се за телото - не, жените не сакаат мажи што се опседнати со својот изглед, напиј се, не биди пичка - види се каков си, пијаница како татко ти, биди успешен, биди најуспешен, покажи муда, издржувај фамилија, така прават вистинските мажи...
Упорно ги притискаме нашите деца да БИДАТ нешто, а ретко тоа нешто е мотивација за станување подобар човек.
Еве го и „Биди дама, ќе речат“, со преведен текст.