Би тетовирале BB крема на лице?

За тие што ги мрзи да ставаат и да вадат шминка или да чистат четки, постои BB Glo, третман кој со микро-игли нанесува полутрајна ББ-крема на кожата.

Покривноста на ББ кремата ви дава совршен, еднаков тен со ич црвенило или темни флеки и трае до четири месеци. „Со BB Glo, кожата изгледа како да е вашата, ама подобра,” вели Ајше Балик, со-основач на Glo Skin & Laser, салон во Њујорк Сити што го нуди третманот. „Тонот е еднаков и изгледа поздраво.”

Како микроблејдинг на веѓи, BB Glo е начин кожата да ви изгледа како што сакате, без да мора секој ден да нанесувате пудра, ББ крема или нијансиран хидратантен крем.

Еве ги деталите:

Што претставува BB Glo третманот?

BB Glo е процедура со микро-игли која вметнува полутрајна ББ-крема во кожата за да измазни несовршености, како на пример нееднаков тон на кожата, ситни и крупни брчки, хиперпигментација, флеки од стареење, пигментација после акни и големи пори. Покривноста е еднавка на лице со лесна шминка што изгледа како вашата кожа, само подобро. Балик вели дека резултатите се толку природни, затоа што шминката не се познава - затоа што е дел од кожата, а не е врз неа.

Што се случува за време на третманот?

Пигментот навлегува во кожата со ситни игли. „Главно, третманот е доста површен,” вели Балик. „Не одиме длабоко како кај традиционалната процедура со микро-игли, затоа што не користиме машина која е интензивна како онаа во дерматолошките ординации.”

Целиот процес може да трае до два часа. Прво, кожата се чисти и се прави ексфолијација за да се отстранат мртви клетки од површината. Потоа, се нанесува анестетик кој делува 20 минути. Се бира нијансата на ББ кремата и со микро-игли се внесува во кожата. Потоа се нанесува хијалуронска маска за хидратација на кожата и запечатување на ББ кремата во неа.

Трае до четири месеци и Балик препорачува два третмани за оптимални резултати. Еден третман чини 300 долари кај нив.

Каква ББ крема се користи?

Во овој салон, користат крема од Москва која специјално се прави за да може да влезе во кожа. „Ваква користиме,” вели Балик, „затоа што не содржи титаниум диоксид. Целиот третман се прави на површинскиот слој на кожата, но ако титаниум диоксидот дојде во контакт со крв, може да ја измени бојата на ББ кремата. Затоа оваа формула ја користиме за секој случај.”

Контраиндикации?

Има едвај или ич потреба да се внимава после третманот. Балик вели дека клиентите може да видат црвенило, но поминува после неколку часа. После третманот, треба да се избегнува миење лице 24 часа, производи на база на ретинол и да се чека четири недели пред да се прават ласерски третмани.

Ризици?

Иако BB Glo наводно ќе направи кожата да ви изгледа како да се константно со Инстаграм филтер без да треба да ставате пудра секој ден, третманот е нов и се уште не е одобрен од Американската администрација за храна и лекови.

Пластичен хирург од Њујорк, д-р Меслиа Дофт, без воопшто да ги види состојките, предлага да се внимава поради контраиндикациите. „ББ кремите се тестирани само за површинска употреба, не за инјектирање во кожата. Ако ги инјектирате овие пигментирани честички, може да доведат до иритација на кожата, болка, инфекција, алергии, воспаленија дури и трајно тетовирање, ако честичките се долготрајни. Хроничното воспаление може да доведе до трајни лузни. А возможни се и грутки и нерамнини поради формирање на грануломи, што е реакција на кожата поради материјалот што се внесува во нејзе.”

Може поарно да почекаме да одобрат, да не нè снајдат вакви работи.

22 јули 2019 - 18:00