Безбедно ли е да се пробува облека во продавница?

Да, фино е онлајн шопинг, ама тешко дека ќе го замени чувството на пробување на себе и проверка дали стварно ти стои. Само што, безбедно ли ќе биде од сега па натаму, во сред пандемија?

Некои големи продавници како Мејсис, имаат и детали на тема како ќе ги одржуваат гардеробите чисти и безбедни. Нордстром, кои веќе отворија 35 свои продавници во Америка велат дека некои од гардеробите ќе бидат затворени заради социјално дистанцирање и дека ќе ги чистат после секоја употреба. Исто така, откако муштеријата ќе проба нешто или ќе го врати, ќе треба да помине одреден период пред парчето облека да се врати на закачалка. Ќе се користат знаци, стикери на подот, а вработените ќе ги водат и смируваат муштериите и главно ќе се грижат за нивната безбедност.

Од Гап изјавуваат дека повеќето гардероби ќе бидат отворени, а ќе се зачести со чистење.

Д-р Тиста Гош, постар медицински директор во здравствената компанија Гранд Раундс, вели дека ако луѓето посетат трговски центар или продавница за облека, треба да внимаваат на социјално дистанцирање, да користат дезинфекциско средство за раце, да избегнуваат допирање на лицето, и ако е можно, да избегнуваат лифтови каде што социјалното дистанцирање тешко се практикува.

Многу од продавниците ќе им помагаат на купувачите да ги следат овие безбедносни мерки. Некои молови ќе обезбедуваат бесплатни маски и дезинфекциски марамчиња и ќе ги потсетуваат луѓето да држат растојание со знаци и јавни обраќања.

Од друга страна, ако купувачите видат продавница, било каква, каде што не им бараат маски или нема достапно средство за дезинфекција, Гош препорачува да се држат подалеку од таму. „Јас не би влегла,“ вели Гош. „Мене ми е тоа знак дека не го сфаќаат ова сериозно и непотребно ги ставаат луѓето на ризик.“

Кај нас се надеваме дека ќе следат светски трендови на оваа тема.

2 јуни 2020 - 00:00