Бесплатен месечен циклус во Шкотска

Чудно ви е? Сакате да се побуните дека месечниот циклус е бесплатен како и секоја природна состојба на телото? Е па, не е. Другите се, ова не е. Ама во Шкотска е.

Шкотскиот парламент поддржа закон што ќе ги направи сите производи поврзани со менструација бесплатни и со тоа станува пионер во светот на оваа тема. Законот е речиси едногласно поддржан.

Сто и дванаесет души гласале тампони и улошки да бидат бесплатни и да се делат во младински клубови и аптеки, само еден бил воздржан, ама тој може имал добиено.

„Ова не се луксузни производи,“ објаснува Моника Ленон, жената која го поднесува првиот нацрт за овој закон. „Ова се основни работи и никој во Шкотска не смее да биде без овие производи. Ја менуваме културата и многу е возбудливо што и други земји ширум светот внимателно набљудуваат да видат како ќе го изведеме тоа.“

Ова се проценува дека ќе чини 28,9 милиони евра секоја година. Во 2018, Шкотска постигна бесплатни производи за менструација во школи, колеџи и универзитети.

Во моментов, овие производи во Велика Британија се подложни на 5% таканаречен „тампон данок“, за кој владата рече дека ќе го укине во 2016, ама им снема време околу хаосот со Брегзит.

Замислете со вакви работи да се бавевме, само замислете.

2 март 2020 - 13:56