Кога не била на сцена или на платно, била дома, во најлуксузниот хотел, со мајмунот-миленик на рамо, во крзнен капут и ништо под него, освен чорапи и антиквитет-приврзок на ланче полн кокаин. Како трагична муза и иконична катастрофа, продолжува да инспирира и да фасцинира со нејзиниот вонсериски животен стил, кој бил премногу скандалозен, дури и за Вaјмарски Берлин.
Родена е во 1899, а станува полнолетна за време на Големата војна. Нејзините боемски настроени родители се развеле кога имала две години и ја израснала баба ѝ по мајка. На 15, почнала да зема часови по танцување и за кратко време станала ѕвезда во школото, а додека владееле војната и Шпанскиот грип, Бербер почнала да работи како модел и го снимила својот прв филм.
Целата земја оплакувала два милиони луѓе и страдала од недостаток на храна и инфлација - станало толку лошо, што до 1923, со количка пари не можело да се купи векна леб. Очајните берлинци се снаоѓале како знаат и умеат за да си ја олеснат траумата и некако да преживеат - улиците биле преплавени со кокаин, хероин и проституција. Водвиљ, коцкање, геј барови и трансвеститски клубови никнувале на секој агол, но на Бербер ѝ одело многу подобро. Била и актерка, имала шест филма само во 1919, меѓу кои и Anders als die Andern (на англиски: Different from the Others) едно од првите сочувствителни претставувања на хомосексуалноста на големото платно. Се појавила во 24 филмови, некои од нив и меѓу најважните филмски остварувања во раната германска кинематографија.
Додека се бавела со кабаре, почнала да работи експресионистички соло претстави на скапи локации и сама ја правела кореографијата за настапите. За една претстава, се појавила како Саломе што излегува од урна со крв, гола, во виолетова наметка. Соблекувајќи се, го сликала телото со крв на опера од Ричард Штраус, пред повторно да пропадне во урната.
Денес голотијата е „ништо посебно“ во германската култура, па е тешко да се поверува каков шок била Саломе за берлинците. Многу е пишувано за нејзините разголени танцови точки.
„Не сум гола танчерка,“ инсистира Бербер во едно интервју од 1922. Голотијата е секако дел од нејзините настапи, но еротизмот во нејзините движења секогаш бил врзан со смрт, очај и гротескноста на животот. Со други зборови, била Гот. Или експресионист, како што тогаш тоа се нарекувало. Сепак, ја цитираат со следното:
„Ако сите имаа тело како моето, сите ќе се шетаа голи.“
Во 1919, кога почнала да се соблекува на сцена, се омажила и за аристократ. За нејзиниот сопруг Еберхард фон Натусиус не се знае ништо освен дека е внук на пруски политичар. Со неговите пари, се преселила во апартман во хотелот Адлон со нејзиниот мајмун и отворено почнала да се гледа со мажи и жени, меѓу кои и наводно Марлен Дитрих која штотуку го имала напуштено виолинскиот конзерваториум за место во Girl-Kabarett на Гидо Тилшер.
До тогаш, Бербер веќе била икона на стилот и почнала тренд кога се појавила на сцена со совршено скроен смокинг и монокл. Редовно настапувала во кабарето на Макс Рајнхарт, Звук и чад, па добила улога во Др. Мабус, Коцкарот на Фриц Ланг, каде што е баш во смокингот.
Со Натусиус се развела во 1921 и се вселила кај нејзината девојка Сузи Вановски, која подоцна отворила лезбејски бар Ла Гарсон. Потоа, Бербер ја откачува Сузи за измамникот, ентузијаст за ајлајнер и експресионистички танчер, Себастијан Дрост.
Дрост ѝ бил партнер и менаџер и заедно смислиле програм за морничави кореографии со големи количини кокаин и почнале да вежбаат за она што го нарекувале Танц на пороци, хорор и екстаза. Бербер ги создала нејзините најпознати дела: Морфиум, Кокаин, Мачеништво, Самоубиство, Лешот на масата за сецирање. Соработувале и на книга со поеми и илустрации за да дадат уште една димензија на нивниот уметнички талент.
Дрост потоа го апсат за плаќање со лажна банкнота од 50 милиони круни. Наоѓаат адвокат кој успева да го убеди судот да им дозволи да работат додека не се врати долгот. Откако ќе го решат хаосот, се дознава дека Дрост потпишал „ексклузивни“ договори со три различни театри. Меѓународниот синдикат на актери се вмешува и им забранува да изведуваат било што на сцена две години. Неколку недели подоцна, Дрост повторно го апсат откако ќе украде од две грофици. Овој пат, Бербер морала да ги заложи крзната и накитот за да го извади од затвор, но кога се обидела да си ги украде назад, носач се обидел да ја спречи и го удрила во лице. Ги депортираат и Дрост и Бербер од Австрија.
Се враќаат во Берлин каде што Дрост го краде накитот на Бербер и се губи. Потоа го гледаат во Њујорк каде што се преправа дека е барон и се обидува Д. В. Грифитс да го заинтересира за филмски проект. Во 1927 се вратил во куќата на неговите родители во Хамбург и умрел од туберкулоза. Бербер нема да поживее ни уште една деценија потоа.
Нејзината зависност од дрога е веќе надвор од контрола, благодарение на двете години со Дрост. Сè уште ѝ било забрането да настапи на сцена во театри, па се префрлила во кабареа, масовно кревајќи веѓи кај публиката. Во 1923, еден посетител што се однесувал безобразно го треснала со шише шампањ по глава и му се измочала на маса. Безобразлукот на гостинот бил што побарал да му игра во скут, додека таа мислела дека му нуди некаква уметност. Во интервју со берлинскиот новинар Фред Хилденбранд, рекла:
„Танцуваме смрт, болест, бременост, сифилис, лудило, умирање, боледување, самоубиство и никој не нè сфаќа сериозно. Само ни зјапаат во превезот да не случајно видат што има под него, свињи едни.“
Светла точка во нејзиниот живот бил геј-танчерот Анри Шатан-Хофман, со кој се омажила во 1924 две недели откако го запознала. Шатан-Хофман го преземал менаџирањето на нејзината кариера и се обидел да ја среди, но кочници таму одамна немало. Во 1925, Ото Дикс го насликал неговиот славен портрет на Анита Бербер во црвен фустан. Неговата сопруга Марта се сеќавала како Бербер поминала еден час во шминкање и испила шише коњак за тоа време. Писателот Клаус Ман пак, се сеќавал дека
„Луѓето ја покажуваа со прст, беше забранета со закон. Дури и во повоен Берлин имаше претерано. Одеа да ја гледаат за да се ежат; освен тоа, беше отфрлена.“
Не можејќи да најдат некој што ќе ги ангажира, Шатан-Хофман и Бербер дошле во Југославија во 1926 со одново осмислен Танц на пороци. Во Загреб, Бербер наводно го навредила кралот и била во затвор неколку недели. Од таму, завршиле во Холандија да настапат на ново место, а Шатан-Хофман конечно успеал да ја убеди Бербер да престане да пие. Потоа, биле на турнеја низ Блискиот исток, од Дамск, до Каиро и Бејрут. На крајот на шоуто во Бејрут, Бербер колабирала на сцена и ѝ дијагностицирале напредна пулмонарна туберкулоза.
Патувањето назад во Берлин траело четири месеци и Бербер имала потреба од одмор на секој чекор. Во Прага им снемало пари, па пријателите собирале пари по кабареа за да може да се врати дома. Една недела откако пристигнала во Бетаниен болницата во Берлин, Бербер починала на 29-годишна возраст.
Кога дошле нацистите на власт во 1933, портретот на Дикс од Бербер го класифицирале како дегенеративен и ги закопале сите спомнување на квир и радикални Германци. Дури во 1980-те повторно оживеал интересот за нејзе. Оттогаш, Анита Бербер има стекнато култен статус како постер-девојка на Вајмарската декаденција. И како што самата пишува во Танц на пороци,
„Ги бакнував и вкусував сите до крајот / Сите сите умреа од моите црвени усни.“