Ако жена не направи да ти заличи светот, кој?

Сме чуле за Галилео (телескоп), Карл Бенз (коли), Александар Греам Бел (телефон) и Бенџамин Френклин (бифокални очила), ама знаеме ли кои се Грејс Хопер и Марија Телкес, на пример? Сега ќе дознаеме.

Без нив и без многу нивни колешки, светот веројатно би изгледал многу поинаку денес. Или, можеби слично, ама многу работи би задоцниле.

На пример, Д-р Ширли Џексон, име што 90% од вас прв пат го слушаат (и не се ни криви!) има правено истражувања кои довеле до сè што е врзано со телекомуникации денес. Била теоретски физичар и прва црнкиња со докторат од Технолошкиот институт во Масачусетс во 1973-та. Додека работела во лабораториите на Бел, извела научни истражувања со субатомски честички кои на други им овозможиле да смислат пренослив факс, соларни ќелии, оптички кабли и технологијата зад телефонскиот ловец и втората линија. Замислете колку важни информации би пропуштиле без женава.

Марија Телкес е иноватор на првата куќа која во целост ја добива својата енергија од соларни панели. Од Унгарија е и го има создадено првиот термоелектричен генератор на струја во 1947-ма, дизајнирајќи го со тоа првиот соларен систем за греење. Плус, првиот термоелектричен фрижидер во 1953-та, користејќи ги принципите на полуспроводнички термоелектрицитет.

Жената без која што сме можеле, ама зошто па да мораме е Елизабет Меги - жената што измисли Монопол. Затоа што - едно време немаше компјутери така често, па Монопол беше таа возбудливата игра што некој ја имаше од странство, или - уште повозбудливо - не научивме сами да си ја правиме. Патентирана е во 1904-та и Меги ја нарекла „Игра на газди”, а ја осмислила како критика на неправдите на капитализмот, но ја краде еден Чарлс Дароу, кој ја продава на браќата Паркер во 1935-та. Компанијата сепак ја нашла Меги, но ѝ понудила само 500 долари за иновацијата.

Назад на работите без кои не се може - компјутерско програмирање. Американката Грејс Хопер, заедно со Хауард Ајкен го дизајнирала компјутерот Марк I, машина од 5 тони, голема колку соба. Хопер го измислува оној дел што преведува напишан јазик во компјутерски код и ги измислила термините „баг” и „дебагирање” кога морала да вади молци од машината. Ја популаризирала идејата за програмски јазици кои не зависат од машините, што довело до измислувањето на COBOL, хај-левел програмски јазик кој сè уште се користи и денес.

И на крај, тотално неврзано со компјутери, но многу со човечки животи - Марија Бисли, жената што го унапредила чамецот за спасување. Во 1882-ра, Марија Бисли одлучила дека луѓето треба да престанат да умираат на отворено море. И навистина, луѓето се движат по мориња илјадници години, но до нејзе, никој нема дојдено до ефикасен производ во случај на СОС ситуација. Подобрувањето што го направила било во однос на компактност, безбедност, отпорност на оган и спремност за користење. Пред тоа, „чамците за спасување” биле обични дрвени плочи.

Овде имавме и за уште една, ултра-важна: Хеди Ламар - Актерката заради која денес имаме ви-фи

28 август 2019 - 01:46