Неделна доза ентериер:

Ако уредуваш стан, мора ли да купиш сѐ ново?

Во ред, знаеме дека сега има ганц ново за купување, а глуми старо и винтиџ. Неколку такви продавници спонзорираат постови на Инстаграм и те канат за неколку илјади денари од кај нив да си набавиш нешто што кога ќе ти дојдат гости нема да знаат дали е собрано од куќата на прабаба ти што ја продадовте, или чини колку гуми за Мерцедес.

Ние дојдовме да ви кажеме дека во куќата што уште не сте ја шитнале на инвеститор имате ствари што совршено ќе ви се вклопат во новата дома, а ако немате таква на располагање - интернет и Фејсбук-огласниците се полни со нечие ѓубре што може вам да ви се чини како богатство. Да не ги забораваме бувљаците и антикварниците.

Сите онлајн огласници вријат од народ што сака да се ослободи од старото, кое вие можете да го префарбате, доукрасите или едноставно да го освежите со нова, иста боја.

Конкретно, фотографијава е направена во Њујорк, и можеби немаме огромни магацини на располагање, полни со нечии заборавени рамки за слики, ама со малку повеќе труд, може многу да се постигне.

Нека ви текне на станот со многу боја и какви детали имаше.

На сликата подолу, имате фотелја, што веројатно била грда, стара фотелја некогаш, а на некој му текнало да ја преоблече во жолто и да ѝ стави карнер. Потегот е едноставен, нешто малку потежок од да ја видиш во салон и да ти ја достават до дома, но ако си тип на човек на кој му се прави нешто автентично, чувството е далеку посимпатично.

На следната, столчињата за трпезарија се можеби нови, можеби дури и комодата со фиоки, но веројатно ви е јасно дека иста таква имате видено во ‘70-ти и ‘80-ти. Пишете prodavam star mebel, или едноставно пребарајте во таа категорија во огласник, нешто сигурно ќе ви фати око.

Вакви престарени постери имате во антикварници, и бара посебно посветување и копање по купиштата што најчесто ги има таму. Ама кога ќе го најдете баш тоа што ѝ лизга на вашата бранова должина, ќе ве усреќува секогаш кога ќе фрлите поглед кон него.

По подруми и визби, разгледајте дали сте оставиле детали како свеќници и вазни што повеќе не ви се вклопувале во стилот на уредување. Многу е можно да доаѓате од финска барака, или куќа што колку и да била фина, ја газеле годините, па сега сте преселени во нов стан со сѐ ново. Ако ви мрда опашката за ребрендирање на домашниот простор, вратете се на тоа што сте го имале претходно. Има повеќе приказна во него, а можеби му фали една нова боја за да се вклопи во новиот простор.

И на крај, не дозволувајте ништо да ве ограничува. Би ви текнало ли дека новиот мебел-штоф на фотелјата едноставно бара зелен ѕид и стари рамки од гоблен? 

Направете си услуга и ако веќе немате, симнете Пинтерест апликација. Ако имате, направете си албум за вакви идеи и просто е неверојатно што сѐ може да излезе од таму.

Лесно е да купиш и да ти го достават, ама ако си дозволите макар едно парче, без разлика дали е плакар, масичка за кафе, или една обична чинија што во 1904 служела за колачи, имате цела една  приказна дома, а од приказни никогаш доста.

22 октомври 2020 - 11:36