Ако некој непознат ти пише да ја избричиш главата, ќе ја избричиш ли?

Во олицетворение на фразата „Ако ти кажат да скокнеш во Вардар, ќе скокнеш ли?“ една жена од Јута одлучува да си ја избричи главата затоа што некој така ѝ рекол - на телефон.

Пред.

Меган Рендолф е бесна и очајна и самодовербата ѝ е разнишана - жртва е на измама, само што измамникот не сакал да ѝ ги земе парите туку достоинството. И ако може косата.

„Не сум ја напуштила куќата, не планирам ни да излезам додека не смислам нешто и знам дека звучи глупаво,“ вели сега веќе комплетно ќелавата Рендолф.

Манекенка е, и сѐ почнува со обична порака од непознат човек. Таа вели дека не го дава бројот на непознати, но личноста, „Ешли“, што ѝ пишала веќе ѝ го знаела името и рекла дека ја пратиле кај нејзе. Пред да заврши разговорот, Рендолф е успешно убедена да ја избричи главата до гола кожа, плус веѓите, во замена за неколку илјади долари.

„Прво се мислев,“ фала богу ќе рече пливачката во Вардар.

На измамничката или измамникот му било од голема помош што Рендолф не можела редовно да работи и немала постојан приход затоа што имала сообраќајка кон крајот на 2020. Дури и неколку стотици долари, а не па неколку илјади би ѝ биле од помош. Парите не стигнале, а лицето што лажно се претставило како агент од Редкен (компанија за убавина и нега на коса) исчезнало заедно со телефонскиот број што сега е исклучен. На Рендолф ѝ остануваат само сликите и видеата од маката.

Потоа.

Свесна е дека јавноста може да биде сурова кон неа откако ќе објави што се случило, но сака барем да го рашири муабетот за други да не паднат на истиот трик.

„Малку сум уништена… Но тоа е само коса и ќе порасне. Не ми земаа ништо, но беше злобно; 100% сурово,“ вели таа.

Рендолф и нејзиниот сопруг се обиделе да го проверат бројот и се покажало дека навистина бил регистриран на Редкен, веројатно со употребен трик за имитирање на броеви за идентификаторот. Се јавиле и добиле телефонска секретарка што звучела убедливо, без разлика што сега веќе биле скептични.

Успехот на измамата делумно се должи на тоа што Редкен навистина има неколку онлајн медиумски кампањи за справување со коса во домашни услови, па сето ова не звучело тотално невозможно.

Во меѓувреме, носи капа, дури и по дома и апелира луѓето да бидат внимателни - ако звучи предобро за да биде вистинито, да си го слушаат инстинктот.

Се обратила и во Фејсбук група за манекенки во Јута и добила поддршка и понуди за фото-сесии.

Барем тоа.

20 септември 2021 - 12:22