За луѓето што носат маски како што треба (значи не под нос, под брада, на глава и на ретровизор), доколку имаат кожа склона кон иритации и осипи - не е баш идеално, особено сега кога времето е како јули, а не мај. И бидејќи општата препорака е да се носат, Јаху Лајфстајл се консултира со дерматологот Др. Харолд Лансер (инаку дерматолог на Елен Деџенерис, Џенифер Лопез, Рајан Сикрест и Ким Кардашијан) за тоа како можеме да ја негуваме кожата и во оваа ситуација.
„Важно е да не отстапувате од рутината за нега,“ вели Лансер. „Треба да продолжите со вообичаениот режим, без разлика на тоа дали носите маски. Продолжете да ги користите производите што содржат состојки како гликолна киселина и разни витамини што секако ги користите и од огромна важност е режимот да се почитува и наутро и навечер.“
Предлага и цело време да имаме влажни марамчиња:
„Користете ги ако носите маски по неколку часа. Можете вака и кога ќе дојдете дома и ќе ја извадите маската. Ова треба да го држи вишокот маснотии под контрола, а не бара многу време.“
И типот на маската има ефект врз кожата, па советува ако ги правите дома да користите материјал од 100% памук. Колку е посинтетички материјалот, толку повеќе се задржува топлина под маската и ова ќе доведе до иритација и осипи, па избегнувајте синтетика. И ако можете, прескокнете шминка.
И една работа никако не смее да се заборави: средство за заштита од сонце.
„Мора да се нанесе тенок слој средство за заштита од сонце на сите изложени делови од лицето за да ја покријат кожата темелно. Нека го има на целото лице, затоа што маската знае да мрда.“
Осипот е потенцијална контраиндикација на честото носење маски, па Лансер предлага да се третираат слично:
„Исчистете ја кожата со нежен антибактериски чистач и мијте го лицето на неколку часа. Нормалното чистење е важно затоа што отстранува природна нечистотија, а ако имате антибактериско средство имате екстра заштита.“
Исто клучен е кремот за навлажнување на кожата после чистењето.
„Топлината потта и триењето од маската можат да предизвикаат иритантен дерматитис, црвенило, дури и габична инфекција. Хијалуронската киселина смирува и е анти-воспалителен шеќер што навлажнува и се бори со овие проблеми, па барајте крем што ја содржи оваа состојка.“