Ај да не купуваме Кајли Џенер кармини од пазар

Со должна почит кон продавачите таму, ама не е до нив. Копиите на скапите брендови за шминка се опасни по здравје.

Едно прошетување по нашиве пазари и ви станува јасно колку лесно можете да се пофалите на Инстаграм дека имате Кајли Џенер „лип кит” или Анастасија Беверли Хилс палета, или Худа Бјути кармин. Можете и за Нејкед да се пофалите, само што треба внимателно затоа што, како што пишавме еднаш, ќе ве уловат. Сè се тоа евтини производи, често осмина од цената, а на прво пробување, ретко е квалитетот послаб - и за тоа се научија едните да ги носат, а другите да ги купуваат.

Сепак, оригиналните брендови претрпуваат еден куп контроли, со особен акцент на санитарните. За нив знаеш дека ако напишале дека состојките се XYZ, поарно за нив да биде така, затоа што иначе, така јавно ќе го изедат, да нема да знаат како се викаат.

Од друга страна, копиите се прават кај се стигне. Најчесто во Кина. И кога еден контролор од Есте Лодер отишол да види кој и каде им ги прави копиите, наишол на простории што многу потсеќаат на просечен подрум во приградска скопска населба. Не дека е хорор (иако во некои случаи и е), туку едноставно не сакаш ништо што излегло од таму после да го ставиш на кожа.

Затоа, следниот пат кога ќе се фатите за кармин кој инаку би требало да е скап, размислете уште еднаш и оставете го. Многу е можно ако го купите да ставите и олово и жива и други состојки што ќе ви ја избезумат кожата.

17 мај 2018 - 15:00