Веганската маскара на Глосиер не е баш веганска

Од Глосиер на сајтот напишаа дека Lash Slick е вегански производ, и све супер, само да не соддржеше пчелин восок.

Минатата среда, стартапот Глосиер ја извади својата прва маскара, Lash Slick.

На производот потрошиле 18 месеци и според маркетинг мејлот испратен до сите поголеми медиуми, „има совршена формула за природни, сјајни трепки кои се долги, одвоени и дефинирани.” А на 9-ти мај на сајтот напишаа и дека формулата е веганска.

Со тоа што не е. Првите муштерии набрзо сконтаа дека една од состојките е пчелин восок, а според ПЕТА (кои инаку се гадови, ама овде можеби и прочитале нешто), ваквиот восок се добива со топење, цедење и ладење на кошниците, а матиците се отстрануваат и „искусуваат суров третман”.

Глосиер побрза да се извини на сите што ја купиле маскарата и понуди враќање на парите.

Во изјава за Racked, од таму велат дека „кога ја увидовме грешката, веднаш го ажуриравме сајтот и проактивно ги вративме парите на сите муштерии кои ја купија маскарата пред сајтот да биде ажуриран. Искрено се извинуваме за секоја забуна настаната поради ова.”.

Исто така, да поднаучиме нешто од нивната грижа за корисници:

Без разлика што згрешија и се извинија, сепак Глосиер станува дел од една поширока дискусија околу веганските производи за козметика и нега на кожа. Кат Вон Ди на пример е гласен веган, но Кендо, компанијата која раководи со пласман на нејзините производи на пазарот, е во сопственост на LVMH, која има други производи како Живанши, Мејкап Форевер, Фреш и Бенефит, кои се продаваат во Кина. Што ако се продаваат во Кина? Е па, Кина има закон дека секоја козметика што ќе се продава таму, мора прво да се тестира на животни.

И ова се тие ситни детали кои живот значат во специфичниот свет на веганската нега.

Од Глосиер не кажуваат дали сепак ќе прават и веганска верзија, но секако се очекува да продолжат да бидат инволвирани во дискусијата на оваа тема како што ќе вадат нови производи.

15 мај 2018 - 15:34