Airbnb тргнува во поход на богаташи

Платформата што успеа како решение за патувачи со мал буџет, почнува да нуди хотели, луксузни имоти и има нова програма за лојалност. И се претвора во букинг компанија.

Уште ќе важи старата дефиниција за Airbnb, односно, сајтот каде што наоѓаш место што ќе ти биде дома во тие неколку дена додека си на пат и каде што ќе можеш да си готвиш со локални зачини, наместо да се симнуваш на вечера. Новото е што се додаваат повеќе категории за корисници што не сакаат само нечии домови или соби.

За волја на вистината, првобитната идеја за „изнајмување на сопствениот/нечиј дом” одамна помина, затоа што секаде, па и во Скопје луѓето си имаат станови спремни исклучиво за Airbnb, а се нудеа и станчиња со неколку соби со кревети на спрат како алтернатива за хостел, што спаѓаше под shared room.

Само што,

„ Airbnb е дизајниран за кога бевме многу помали,” вели главниот во компанијата, Брајан Чески. Додава и дека во моментов, на Airbnb има 4,5 милиони места за изнајмување што на корисниците им прави потешко да си најдат тоа што им треба.

„Сега имаме многу повеќе од заеднички соби, приватни соби и цели домови,” кажа Чески при објавата на новите категории за бутик-хотелски соби, ноќевања со појадок и „уникати”. Ова последново е категорија за куќички на дрво, бротчиња, иглу и слично. Платформата ќе нуди и избрани колекции на смештаи (на пример смештај што доаѓа со играчки, конзоли и книги), смештај за работа, смештај за меден месец, патувања во група и слично.

Како награда за редовните и високо рангирани муштерии (на Airbnb можеш да му ставиш ѕвездички и на гостинот, на пример 5 ако бил точен и културен, 1 ако бил гаден), платформата ја започнува програмата „супер-гостин”, наспроти нивната „супер-домаќин” категорија.

Супер-домаќин (superhost) на Airbnb си кога сите те фалат преку кликови и коментари. А супер-гостите би имале пристап до попусти, превози од аеродром, придобивки со летови и слично. Програмата ќе се испроба на 10,000 гости на пролет и ќе почне летоска.

„Ова ви е пасош до еден нов начин на патување,” вели Чески.

Понатаму, има уште луксузни слоеви - Airbnb Plus и Beyond by Airbnb, како обид да се привлечат богати клиенти кои досега не им биле таргет - клиенти кои не би биле баш воодушевени да спијат во нечија куќа.

Airbnb Plus ќе бидат лично прегледани од Airbnb за чистота, удобност и дизајн и ќе доаѓаат со тим за поддршка.

Beyond by Airbnb ќе биде посебен сајт и ќе нуди скапи места, со луксузи од типот на консиерж.

Исто како кога Убер се замеша во работата на таксистите, и овде има кој да биде загрижен:

„Ако Airbnb сака да влезе во хотелскиот бизнис, тогаш тоа мора да се регулира, да се оданочи и да подлежи на истите правила за безбедност со кои се соочуваат другите хотелски компании секојдневно,” изјавува Трој Фланаган од Американската асоцијација за хотели и сместување, една од првите незадоволни организации од оваа екскурзија на Airbnb.

Инаку, во ноември 2016-та, Airbnb ја додаде категоријата „Искуства”, со тоа овозможувајќи им на корисниците да купуваат и продаваат работилници, шетања, искуства, часови и други симпатични работи. На пример, ако одиш (и изнајмиш простор) во Барселона, во истиот период (и на истиот начин на кој букираш стан или соба) можеш да букираш час по готвење или шетање по најважните локални дизајнери со манекенка во подем.

Сепак, според Вол Стрит Журнал на „Искуствата” не им оди толку добро затоа што на луѓето не им се даваат пари така лесно за ставки од типот „вечера со превез преку очи.” Замислете кај нас тоа!

Но, со оглед на тоа што и тука се оставаат и ѕвезди и коментари и сведоштва, не е неочекувано што од Airbnb се пофалија дека категоријата „Искуства” се развила многу повеќе отколку изнајмувањето домови во претходната година.

26 февруари 2018 - 07:24