За искуството со Airbnb, зошто е паметно и како тоа функционира

Може човек да си мисли дека нешто што му е познато го знаат сите, и нема потреба да се прераскажува, но сепак, кога ќе ти текне дека во 2017-та повеќето луѓе кај нас сè уште се потпираат исклучиво на агенција за смештај надвор од дома, не е лошо да си направиме муабет за Airbnb.

Значи вака. Airbnb е ултра-популарна мрежа за приватен смештај низ цел свет. Има од куќа во предградие на Париз со 17 купатила, до шатор на планина во Канада. За Halloween имаше и спиење во катакомби за 9 евра.

Принципот: човек издава стан, куќа, соба, ходник, вие си бирате цена според буџет, внесувате датуми, гледате дали е слободно, читате што рекле другите гости за местото, бендисувате, плаќате со картичка и смештајот ви е обезбеден. И најчесто многу поевтин (и со многу повеќе ќеифови и можности) од хотелско сместување.

Можете да се регистрирате преку Фејсбук, или со мејл. И затоа што на Airbnb не му се исплати да држи лажговци и лопови, ќе ви побара да му докажете дека сте нормални. Ќе ви побара со вашиот профил да врзете мејл, Фејсбук профил, телефонски број, лична карта (не мора сите ствари одеднаш) и доброто е што истото го прави и со тие што издаваат. Така ги чува своите корисници од опасност од било кој вид.

Кога разгледувате понуди, би било фино да разгледате и дали некој напишал нешто за нив. На пример,„одлична локација, чисто, но сопственикот беше малце сељак“, или„сопственикот беше многу услужлив, ама купатилото имаше 20 кила мувла“, или„прекрасен стан, газдата ни остави доручек ама од прилика пола саат пешки до градски превоз“.

Има и ова:
Има и ова:

Од искуство, кога си негде на шетање – едвај се прибираш дома, ама па негде мораш да спиеш. Од тие причини обавезно треба да се внимава ѕвездичките за хигиена да бидат сите 5, евентуално 4, затоа што може некој бил болна педантерија. Второ битно ви е локација, а другите работи мање-више.

Пример:

Еднаш, немав многу избор затоа што касно почнав да барам, па решив да ризикувам со едно студио без reviews. Слатко беше студиото, ама газдарицата прво ја барав три дена да ми одговори, а кога стигнав таму, сфатив дека се работи за тип на особа што рачуна дека ИСЧИСТЕНО значи поминато со џогер. А никако не значи испрани крпи во кујна, избришано под радијатор и непоцрнети ѕидни плочки. Не дека другото не беше чисто, ама пусто ти иде да фрлиш прво врела вода врз садовите, па после да правиш муабет за јадење. Нејсе, проводот беше топ, а постелнината чиста, па се преживува.

Друго јако е дека можете да поканите пријатели да регистрираат профил и да патуваат преку вас. Ова не е никаква пирамидална идиотштина, него на Airbnb му се исплати да се шири муабетот, па така кога ќе направиш профил и ќе поканиш пријател преку мејл, или Фејсбук, пријателот добива одредена сума попуст на првото патување. А кога стварно ќе резервира и ќе му заврши патувањето, и тој што го поканил ја добива истата сума (подложна на промени, некогаш е 19 евра, некогаш 31, итн.)

Тоа изгледа вака:

Уште ако успеете да поканите некој што ќе регистрира профил преку вас и ќе ИЗДАВА, наместо да оди по гости, добивате многу повеќе кредити.

Сликовито: Каните 15 пријатели. Од нив, 10 прават профил. Од нив 5 души стварно уплаќаат смештај. Им завршува патувањето.
Вие добивате 31х5 евра кредити.
Тоа се 155 евра кредит.
Ако вашето следно патување кошта вкупно 200 евра, ќе платите само 45.

Толку.

Понатаму, кога ќе внесете датуми и град, бирате и други ствари. На пример, дали сакате цел стан само за вас, дали сакате само посебна соба, или да делите соба со повеќе луѓе. Убаво разгледувајте, затоа што некогаш соба во нечиј стан кошта и поскапо од цел еднособен стан мааалку подалеку од центар. А некогаш и во центар. Потоа бирате што сакате да има обавезно: пешкири, доручек, да се пуши, да примаат миленичиња, да има паркинг, па сакам и фен, и закачалки, а може ќе ми затреба и вратар. Местите до колку највише пари смее да чини и search.
Супер работа е тоа што иако често луѓето пишуваат коментари секој на свој јазик, сајтот има копче за автоматски превод на се што е пред вас.

И на крај, зошто стан, а не хотел? Затоа што можеш да готвиш, да си правиш кафе и да се чувствуваш како дома. А сето тоа е одма подруго кога се работи за поткровје во центар на Виена, наспроти „прва куќа до плажа во Полихроно.“

23 мај 2017 - 14:01