Минимализмот доби своја промоција како симпатичен, доста корисен тренд, со оглед на тоа што многу луѓе си ги зачистија животите и се фокусираа единствено на работи што им се реално потребни. Имавме минимализам при уредување дом, минимализам за познанства, минимализам како начин на живот… додека луѓето не си го направија своето и не преминаа во неподносливи, самобендисани дози на минимализам, па почнаа да си го промовираат животниот стил составен од една дрвена лажица, спиење на паркет и еден пешкир за сѐ.
Ај што живееја со дрвената лажица, туку сѐ повеќе лајфстајл и декор блогери почнаа да инсистираат на ствари од типот „без етикети!“ - да немаш етикети на кутиите за шеќер, кафе и слично… Не биле минималистички, затоа што ти го „гужвале погледот“? Дека не гледаш во чиста површина, и наводно, тоа се косело со минимализам.
И еве, доаѓаме до лажицата - едно од глупавите правила беше да немаш повеќе прибор за јадење отколку што користиш. Замисли да се претвориш во таков морон, што вика гости и кога ќе дојдат гордо им кажува дека има само една глупа чинија затоа што е минималист.
Оставете си барем четири чинии. Или тргнете ги повеќето, ама некаде во некои од горните полици во кујната, каде што ретко посегнувате. Ќе ви дојдат гости, нема смисла да им биде последен пат, не затоа што сте немале чинии, туку затоа што сте се претвориле во ова.
Или, сте почнале да тврдите дека неред е ѓаволот лично, а притоа „неред“ ви претставуваат слики закачени на ѕид и сакате празни ѕидови.
Исто така бескорисно е да се раководиме според идејата дека треба да трошиме само на тоа што ни треба или навистина сакаме да го имаме - булшит, затоа што секогаш можеме да си најдеме оправдување.
И „не смее бои“ - ако си вистински минималист, ќе носиш беж и црно.
Дај им на луѓето симпатична идеја и ќе ја доведат до степен на неподносливост.