Многу е важно да се препознае кој ви цеди енергија и затоа: Водич за типови на луѓе што ви е најпаметно да ги исечете од животот (барем колку што се може!) во новата година.
Енергетскиот вампир
Ова се луѓе што ве цедат секогаш кога ќе дојдете во контакт со нив. Или се жалат, или ви ги цицаат емотивните ресурси со драма, со постојано барање нешто (без да даваат за возврат) и на крај завршувате истоштени. Во 2025, поставете граници и дистанцирајте се од тие што ви ја јадат енергијата. Ќе ви треба за убави работи.
Хроничниот кукач
Нормално дека сите имаме моменти на фрустрација, но има разлика меѓу „истурање“ во моментот и постојано кукање. Хроничните кукачи никогаш не се задоволни и наоѓаат проблеми во секоја ситуација. Негативната енергија им е гориво и често сакаат да ве повлечат надолу со себе. Ако сте упорно заглавени во разговори каде што „ништо не е доволно добро“, или секоја можност е пропратена со критика, време е за повлекување. Фокусирајте се на луѓе што нудат решенија, не само проблеми.
Манипулаторот
Манипулаторите се мајстори за контрола и редовно ги вртат работите во своја корист. Некогаш ви создаваат (лажно) чувство на вина, некогаш емотивно ве уценуваат, но секогаш ве тераат да се чувствувате одговорни за нивната среќа.
А не сте.
Ова цеди и не води кон ништо добро, и кршење на самодовербата на парчиња не ви треба ни сега, ни во иднина. Сечете.
Постојаната жртва
Ова е човек со кој „животот пак не е фер“ и сите се против него. Не презема одговорност и обвинува надворешни услови. Предизвиците во животот се природна работа, но овие луѓе одбиваат да ја видат сопствената улога во креирање решенија и често ве оставаат со чувство на беспомошност и фрустрација.
Значи, чао.
Лажниот пријател
Ова се луѓе што се појавуваат само кога ним им одговара. Се преправаат дека се полни поддршка кога ви оди во животот, но ги нема кога наидувате на сопки. Немаат искрен интерес за вас, знаат дури и да ви го саботираат напредокот само од љубомора и несигурност. Во 2025, инвестирајте во односи со луѓе кои секогаш се од ваша, дури и кога е тешко.