Како климатската криза нè убива
Најновиот извештај ,,Одбројувањето на Лансет“ открива некои застрашувачки статистички податоци за тоа како климатската криза има директно негативно влијание врз здравјето на луѓето. Од смртни случаи поврзани со топлина, жртви од екстремни временски непогоди, ширење на заразни болести, несигурност на храна и слаба исхрана, до зголемување на нивото на морето и раселување на населението. Извештајот претставува ‘црно на бело’ како климатскиот колапс одзема милиони животи секоја година.
Одбројувањето на Лансет е меѓународна соработка на експерти фокусирани на осигурување дека владите и креаторите на политики го имаат здравјето како прв приоритет во нивното разбирање и решенија за климатската криза. Секоја година се издава извештај кој обезбедува „независен глобален мониторинг систем посветен на следење на новонастанатиот здравствен профил на климата што се менува“.
Извештајот за 2020 година е од особено значење заради COVID-19 кризата и важноста на координиран глобален одговор потребен за справување со ова, заедно со другите тековни кризи како што се климатската и кризата заради загубата на биодиверзитетот. Истите имаат големи влијанија врз здравјето и благосостојбата на луѓето и животната средина.
Испитувањето на причините и ефектите од климатската криза во текот на годините открива вртоглав број на смртни случаи и влијанија за кои кризата е директно одговорна, главно во следниве пет категории:
Топлина - зголемена екстремна изложеност на топлина и топлотни бранови (особено кај ранливите популации) што доведува до повеќе смртни случаи поврзани со топлина и значително намалено работно време како резултат неможност за спроведување на одредени активности заради екстремно високи температури
Екстремни временски непогоди - вклучувајќи пожари, поплави и суша и како резултат на тоа, бројот на последователни смртни случаи
Заразни заболувања чувствителни на промените на климата - особено повеќе зоонотични (пренесени од животни) и заболувања пренесени од комарци
Безбедност на храна и слаба исхрана - и на копно и на море
Миграција, расселување и покачување на нивото на морето
Извештајот покажува дека горенаведеното непропорционално влијае на ранливото и загрозено население. Многу индустрии, практики и политики кои се јаглеродно интензивни доведуваат до влошување на квалитетот на воздухот, храната и домувањето на штета на здравјето и квалитетот на животот на засегнатите заедници.
Неколку факти и бројки
- Ранливите популации беа изложени на 475 милиони дополнителни топлотни бранови во 2019 година што доведе до зголемен број смртни случаи
- Во последните 20 години има 53.7% пораст на смртни случаи поврзани со топлина кај луѓе над 65 години. Ова вклучува 296 000 смртни случаи само во 2018 година
- Зголемената изложеност на топлина резултираше со 302 милијарди намален капацитет на работна сила (часови поминати активно на работа) во 2019 година резултирајќи со големи економски последици
- Во 2018 година, економските последици од смртните случаи поврзани со топлина во Европа беа резултат на пад на БДП од 1.2%, што е еквивалентно на просечниот приход на 11 милиони европски граѓани
- Климатските промени се директно поврзани со 76 поплави, суши, бури и температурни аномалии помеѓу 2015 и 2020 година
- Климатските промени ќе ја „компромитираат сериозно“ јавната здравствена инфраструктура во 67% од глобалните градови кои беа испитани
- Помеѓу 1981 - 2019 година, производството на храна и приносот на поголемите земјоделски култури се намали за 1,8% - 5,6%
- Климатската криза ја зголеми преваленцата на заразни заболувања од 1950-тите. Ова вклучува 15% зголемување на денга треска во 2018 година и зголемување на преваленцата и ширењето на маларијата
- Помеѓу 145 - 565 милиони милијарди се изложени на ризик од поплави како резултат на покачување на нивото на морето
- Загадувањето на воздухот од производство на електрична енергија на јаглен е одговорно за повеќе од 1 милион смртни случаи секоја година. 390.000 луѓе починаа во 2018 година само заради загадувањето со честички (многу распространето и во многу балкански градови како Скопје)
- Имаше 16% зголемување на емисиите од добиток од 2000 до 2017 година. 93% од нив потекнуваа од животински преживари како говеда
- Зголемената понуда на црвено месо доведе до негова прекумерна потрошувачка. Ова придонесе за околу 990.000 смртни случаи само во 2017 година.
Имајќи ги предвид овие непобитни знаци, извештајот го осудува фактот дека глобалниот одговор кон климатската криза е незначителен и покрај меѓународните договори како Парискиот договор во 2015 година. Напротив, јаглеродниот интензитет на нашите системи останува практично постојан во последните 3 децении, кога употребата на јаглен во овој период се има зголемено дури за 74%.
******
The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.
Автор: Џеј Ди Фаруџиа |
Превод и адаптација: Симона Гетова