- Володимир Зеленски побарал од Доналд Трамп да ѝ даде на Украина безбедносни гаранции во траење од половина век за да запре војната со Русија. Трамп не прифатил промени во нацрт-мировниот план, во кој се предвидени 15-годишни безбедносни гаранции од САД за Украина.
- „Му кажав дека војната веќе трае речиси 15 години... Му реков дека би сакале да ја разгледаме можноста за 30, 40, 50 години“, изјави Зеленски по средбата со Трамп во Флорида.
- Прашањето за типот на гаранциите сè уште не е затворено. Киев бара да бидат цврсти исто како од основачката повелба на НАТО, што би значело колективен воен одговор на каков било руски напад врз Украина, но нема сигнали дека тоа било прифатено од САД.
- Трамп истакна дека прашањето за безбедносните гаранции е „95% решено“ и додаде дека европските земји ќе имаат важна улога во обезбедувањето мир.
- Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров возврати дека Европа се спрема за војна со Русија и предупреди дека Москва ќе ги смета за „легитимни цели“ евентуалните европски контингенти во Украина.
- Почина театарската, филмска и телевизиска глумица Ленче Делова, соопшти Драмски театар, нејзината матична куќа. Имаше 77 години.
- Нејзиниот талент, сценска присутност и човечка топлина оставија неизбришлива трага на сцената и во срцата на публиката. Со секоја улога таа внесуваше искреност, емоција и посветеност, градејќи ликови кои долго ќе се паметат. Нејзината насмевка и ведриот дух беа светлина зад сцената, а нејзината професионалност пример за генерации актери, напишаа колегите.
- Делова играла во 60-тина претстави во Драмски театар, а глумеше и во над 30 филмови.
- Луѓето кои користеле канабис во која било фаза од својот живот имаат поголеми волумени во мозочните региони поврзани со меморијата, учењето и извршните функции.
- Користејќи податоци од над 25.000 луѓе на возраст меѓу 40 и 77 години, истражувачи откриле дека умерената употреба на канабис во текот на животот е во корелација со зголемување на големината на четири битни региони во мозокот - хипокампусот, амигдалата, каудатното јадро и и путаменот.
- Со оглед на тоа што овие мозочни региони се поврзани со клучни атрибути како што се емоциите, моторната контрола и меморијата, истражувачите решиле да истражат како употребата на канабис влијае врз когнитивната кондиција од средината на животот па понатаму.
- Испитувајќи податоци од 16.728 лица, уште еднаш потврдиле дека умерената употреба е поврзана со подобри перформанси во задачи што вклучуваат учење, брзина на обработка на податоци и краткорочна меморија.
- Неодамна во Македонија беа запленети 40 тони марихуана. Знаете ли колку мозочен волумен може да добие колективниот ум на Македонецот кој во свeтски споредби и онака кубури со IQ?
- Кажавме што имаме да кажеме.