- Спротивно на очекувањата, првата средба на големите политички противници Трамп и Мамдани во Белата куќа помина во срдечна атмосфера. Тие најавија соработка за да го подобрат животот во Њујорк.
- Трамп до неодамна го нарекуваше Мамдани „тотален комунистички лудак“ и се закануваше дека ќе му ги блокира федералните финансии за Њујорк. Сега изјави дека е импресиониран од неговите ставови и му вети соработка и поддршка: „Ќе му помогнеме за да го оствари сонот да имаме силен и многу безбеден Њујорк“.
- Мамдани изрази задоволство поради тоа што со претседателот ги одминале несогласувањата „кои ги има многу“ и се фокусирале на заедничката цел, да обезбедат прифатливо домување и пониски трошоци за комуналните услуги и храната во Њујорк.
- „Се согласивме за многу повеќе работи отколку што мислев. Мислам дека всушност ќе изненади и некои конзервативци... Јас апсолутно би живеел во Њујорк под водство на Мамдани“, заклучи Трамп.
- Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли обвинувањата дека бил вмешан во „Сараевското сафари“ и најави тужби против медиумите што го поврзуваат со пукањето врз жителите на опсадено Сараево за време на војната во Босна.
- До обвинителството во Милано, кое отвори истрага за случајот, хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ поднесе документ во кој тврди дека и Вучиќ бил на локацијата од која богати странци од западните земји плаќале за да пукаат од снајпер врз сараевчани.
- „Никогаш не сум имал снајпер, не сум имал пушка“, изјави Вучиќ коментирајќи ја снимката што ја сподели Маргетиќ. Вучиќ објасни дека носел триножец за камера, бидејќи таму бил како новинар.
- Извештаите по медиумите за неговата наводна поврзаност со „Сараевското сафари“ ја оцени како кампања против него, и тоа во критично време за Србија, кога нафтената индустрија НИС е погодена од американски санкции.
- „Ќе поднесам тужби против оние што имаат многу пари, против Гардијан, Дејли Меил... Ќе ги ангажирам најдобрите адвокати. Нека земат процент од пресудата. Остатокот ќе го дадеме на незгрижени деца или на црквата“, изјави Вучиќ за Информер.